Пендаровски: Да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот!

Сподели

 

“Да изразам сочувство на сите што го изгубија животот од КОВИД-19 и да им одадеме почит со едноминутен молк”, – со овие воведни зборови Претседателот Пендаровски ја започна денешната прес-конференција пред пратениците и до граѓаните.

“Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2.100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек”, – истакна претседателот Пендаровски. 

“Благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата. – Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, и кои секојдневно, на дело покажуваат дека хуманоста и солидарноста не се заборавени категории и дека децениите на тешко живеење и години на мачна транзиција не нѐ обесчовечија, за да заборавиме на страдањата на другите”, рече Пендровски.

“Пандемијата требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас. Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија”, додаде претседателот.

Наша прва и најважна работа што не очекува како држава, веднаш по пандемијата да направиме една длабинска анализа за функионирањето на нашиот правен, економски и политички поредок. Сега е време да ги поставиме здравите темели на нашата држава, во секој сегмент каде што потрфливме – истакна претседателот Пендаровски.

Претстојните празници да се прослават дома во кругот на најблиските за да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот.

denesmagazin.mk