Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој организираше 4 дневен хибриден Предизвик за креирање на онлајн портал за отворени општини, како иницијатива за поголем придонес и вклученост на граѓаните на РС Македонија во одлучувањето за сопствената урбана средина во која живеат.
За времетраењето на Предизвикот, учесниците, водени од стручни ментори кои ја насочуваа нивната работа во вистинска насока, изработија предлози за иновативни софтверски и мултимедијални решенија, кои што треба да овозможат вклученост на граѓаните од аспект на 4 принципи на локална демократија: еднаквост, вклученост, транспарентност и отчетност.
Победник на Предизвикот е проектот дизајниран од тимот БИНТЕРН, кој што изработи демо креативно и интерактивно решение што најдобро ќе ги изразува:
- Учеството на граѓаните во процесот на буџетското планирање и трошење на локалната самоуправа;
- Корисноста на оваа платформа за општинската администрација за овозможување поголема и видлива вклученост на граѓаните во процесот на структурно и системско планирање и зголемена отчетност при спроведување на буџетот;
- Индексот на транспарентноста, отчетноста, праведноста и вклученоста на локалната самоуправа;
- Информирањето, вклучувањето и следењето на работата на општините преку едноставен и иновативен начин, односно побрз и полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители;
- Поврзување на јавно достапни податоци од страна на јавни институции или други бази.
Имајќи ја предвид постоечката состојба на општините во овие области, како и огромните разлики во постоечките услови кај општините од различни региони, веруваме дека решението ќе доведе до значително подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните и општините. Преку оваа платформа, граѓаните ќе имаат поедноставен пристап до општините, трошењето на граѓанските буџети, носењето одлуки од страна на локалните власти и квалитетот на истите.
Победникот на Предизвикот, БИНТЕРН, ќе добие награда од 500.000 (петстотини илјади) денари за да го имплементира своето решение. Паричната награда е обезбедена во рамки на проектот “Преку инклузија и транспарентност до еднаквост и квалитет: Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија”, поддржан од Шведскиот Меѓународен Центар за Локална Демократија (ICLD).