Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!
“Возљубени чеда во Господа,
Денес, на овој спасоносен ден, ликуваат ангелите и светиите на небесата, а ние верните се радуваме на земјата. Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето: слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците.
Во спомен на тој спасоносен настан, еве, по милоста Божја, и ние чествуваме молитвено и серадосно, славословејќи со благодарни служби и со несекојдневно духовно расположение. Денес Господ, заради нас луѓето, се понижил и го зел нашето тело, за да нè ослободи од ропството на гревот и смртта, за да ни дарува живот во вистината и радост која никој не може да ни ја одземе. Денес милостивиот Бог, на човечкиот род повторно му ги отворил вратите на рајот, покажувајќи му го благословениот пат за обожување. Бог Отецот благоволил да Го испрати Својот возљубен Син, за да нè помири, нас создадените, со Себе – Беспочетниот, па преку тоа соединување да ни даде можност повторно да станеме учесници во Божјата природа. Всушност, со воплотувањето и со рождеството на Синот Божји, на светот му се дарувани мир и сеопшта радост.
Сезнајниот Бог, согледувајќи ја немоќта на човекот сам да се спаси, Го испратил Својот Единороден Син – Новиот Адам, Кој поднел дури и крсна жртва за да го обнови и врати она што се изгубило со престапот на прататкото Адам. Ете, тоа Божјо човекољубие е причината што денес ликува сета вселена – славејќи го помирувањето меѓу Бога и човекот. Затоа Светата Црква, потсетувајќи се на спасоносниот настан, повикува: „Пријдете, Христоносни луѓе, да го видиме прекрасното чудо – кое го ужаснува секој разум и набожно воспевајќи го да се поклониме…“ – „Торжествувај Сионе, весели се Ерусалиме, граде на Христа Бога! Дочекај Го Создателот Кој се сместува во пештера и во јасли… Оној што во раката го држи сето создание – Животодавецот Господ, Кого што со непрестаен глас Го воспеваат ангелите и Кој нашиот род го спасува“. Впрочем, ова божикно радување се повторува на секој христијански празник, па и сите денови нè потсетуваат на витлеемскиот настан – на секоја Утринска богослужба радосно се пее: Бог Господ ни се јави, благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово! Тоа, всушност, е постојано празнување на Божик, тоа е секојдневно радување на спасоносното и неповторливото рождество – радување на Христовото доаѓање на земјата.
“Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример.
На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!” – стои во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Традиционално, Божик се поминува во кругот на потесното семејство, затоа што сите членови заедно дома треба да ја дочекаат веста за Неговото раѓање.