Филипче: Мерките дадоа резултат, благодарност до граѓаните кои ги почитуваат

Сподели

 

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вчерашното гостување во Дневникот на телевизија Сител, истакна дека мерките беа добро димензионирани и дадоа резултат, имаме значаен пад на новодијагностицирани случаи и значајно намален број на хоспитализации.
 
„Мора да се изрази благодарност до граѓаните коишто ги почитуваат превентивните мерки. Навистина немаше значаен број на собири за новогодишните празници. Сега сме во еден период во којшто мора да видиме и процениме што ќе препорачаме понатаму. Мерките зависат од целокупната епидемиолошка состојба. Болниците се навистина подиспразнети. Повеќе од 50% капацитет на болниците ширум државата е празен. За првпат после долг временски период и на самата инфективна клиника има слободни кревети. Од следната недела во функција се враќаат повеќе одделенија – офталмологија, оториноларингологија, започнуваат со редовната работа. Ние сме во една стабилна ситуација, но тоа не значи дека сега ќе станеме помалку внимателни или го спуштаме гардот. Ги следиме бројките на новодијагностицирани, хоспитализирани. Внимателни сме затоа што е можно, како што е тоа случај во други земји да се соочиме со трет бран. Но, засега нема такви сигнали и најави. Навистина е ситуацијата спласната, но апсолутно сме внимателни и внимателно ги анализираме сите епидемиолошки аспекти“, рече Филипче.
 
Во гостувањето, министерот Филипче потенцираше дека во нашата земја досега се детектирани 7- 8 соја на вирусот.
 
„Направено е генетско секвенционирање во лабораторијата во МАНУ. Од последните летни месеци па навака преовладуваат два соја. Меѓутоа во овој момент се прави генетско секвенционирање и на вирусот од последните две недели за да видиме дали има некаква мутација којашто е можеби слична на онаа којашто ја има во Велика Британија. Оваа недела ќе знаеме дали има некаква дополнителна мутација на овие последни дијагностицирани случаи кај нас во изминатите две недели“, изјави Филипче.