Да се основа комисија што ќе ги разгледува сите факти и докази за настанатата ситуација поврзана со изборите за студентски лидер, одлучи Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на денешната вонредна седница.
Комисијата ќе треба да побара и правна основа за дел од заклучоците усвоени на денешната седница, како, на пример, за ингеренциите на Ректорската управа во поглед на изборот на студентски лидер.
Ректорската управа на УКИМ изборите за претседател на СПУКМ ги оценува како скандалозни и апелира да престане секој вид партизација и политичко манипулирање на студентите.
Овие заклучоци најпрво ги предложи деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски, но на барање на Кирил Спировски од Студентски парламент и на дел од присутните декани, заклучоците претрпеа измени. Давитковски, покрај тоа, сметаше дека не треба да се формира комисија затоа што на тој начин само ќе се одлоговлечат работите и нема ништо да се постигне, но ректорот Велимир Стојковски, сепак, предложи да се формира комисија, по што деканот на Правниот факултет ја напушти седницата.
Во првичните заклучоци, Давитковски оценува дека изборите за студентски лидер се полни со нерегуларности и побара да се донесе одлука дека вршителот на должноста претседател на СПУКМ до денот на скандалозните избори ќе продолжи да ги претставува студентите до септември, кога ќе се одржат нови избори.
Членовите на „Студентски пленум“ не се целосно задоволни од денешниот исход, најмногу затоа што, од истата причина како Давитковски, и тие се против формирањето комисија.
На почетокот на денешната вонредна седница, Студентски парламент и „Студентски пленум“ ги образложија своите видувања за денот на изборите.
Пред влезот на Ректорската управа, членови на пленумот пуштаа видеоснимки од настаните што се случуваа на 30 јуни пред канцелариите на СПУКМ.