Најцврсти бедеми во одбраната на јазикот е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, преку видео-порака се обрати на отворањето на првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што се одржува онлајн, во рамки на одбележувањето на едно столетие од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески.

Како покровител на јубилејот „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, претседателот Пендаровски изрази задоволство од предвидените настани и програмски содржини, посакувајќи им успешна работа на учесниците на школата.

 

“Имам особена привилегија и чест да ве поздравам на почетокот на првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Како покровител на јубилејот „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, импресиониран сум од сите предвидени настани и програмски содржини. 

“Како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик академик Конески ја заслужува најголемата почит и благодарност. Во период кога, за жал, од политички причини, повторно се негира постоењето на македонскиот јазик, иако тој е одамна верификуван од светската лингвистичка наука, токму делото на Конески е најмногу на удар. Во таа смисла, еден од најцврстите бедеми во одбраната од неаргументираните и често ирационални напади е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој зад себе има веќе пет и пол децениска традиција со повеќе од петстотини учесници од шеесетина земји од сите меридијани на светот. Затоа големо благодарам  на сите досегашни учесници за посветеноста и за придонесот за поширока меѓународна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура” – изјави претседателот Пендаровски.