Предлогот за интерпелација на вицепремиерот Димитров пред пратениците

Сподели

 

Собранието денеска треба да ја започне 30-та седница на чиј дневен ред се педесетина предлог-закони за изменување и дополнување на постојни закони, како и интерпелацијата за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, поднесена од опозицијата.

Оваа седница првично беше закажана за 18 јануари, но тогаш не беше утврден ниту дневниот ред поради тоа што власта немаше кворум за гласање, бидејќи еден пратеник од владејачкото мнозинство беше позитивен на коронавирус, а уште еден бил тестиран и за него се чекаа резултати.

Меѓу предлог-законите на дневен ред на оваа седница се и оние за изменување на законите за еднакви можности на жените и мажите, за заштита од вознемирување на работно место и за употреба на знаковниот јазик, како и на законите за практиканство и за волонтерството, сите по скратена постапка.

Пратениците по скратена постапка ќе расправаат и за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за вработување на инвалидни лица и на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, како и на Предлогот на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.