„Политичката поларизација ја уназадува државата. Место да ги споиме сите потенцијали, ние ја растураме енергијата, една рака народ останавме во државата. Проблем ли е да се одложи пописот, да не се повикува на бојкот, нека биде мај или јуни, но да си подадеме рака“, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „Отворено“ на ТВ24. Евентуалното одложување, Пендаровски го става исклучиво во игра како можност за политичко помирување во земјата.
Претседателот Пендаровски, смета дека може да се направи компромис за пописот и власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира.
-Со ова се обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот или пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Сосема легитимни се барањата од аспект на здравството. Ако сме чекале 20 години, нема да е грев да биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот, рече Пендаровски.
Бојкотот на пописот, оцени Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ може само да и нанесе повеќе штета. Според него, поиздржано би било да не се признаат резултатите, отколку да се бојкотира процесот.
Според Пендаровски, небулозно е тврдењето дека можат да се штелуваат процентите на етничката застапеност на пописот. Ако воопшто е можно, тогаш поголема е шансата тоа да се случи доколку се прави електронски попис, а не од врата на врата како што се планира сега, смета шефот на државата.
„Нашите датотеки ноторно се несигурни и не се пополнети со децении. Ако направиле саглам попис со новите технологии, можеме со мала политичка волја да ги исчистиме дури и за локалните избори гласачките листови“, рече Пендаровски.