Османи-Корчок: Словачка ќе се залага за кредибилитетот на ЕУ во регионот

Сподели

 

На покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во работна посета на РС Македонија присуствуваше министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок, за време на која оствари средба со својот домаќин.Посетата на словачкиот Министер е во рамките на неговата турнеја по земјите од Западен Балкан и ангажмани на Словачка за обезбедување европска перспектива за Регионот.

Посебно внимание во дискусиите беше посветено на евро-интегративната агенда и следните чекори кои ги очекува Северна Македонија на тој план.

 

 

„Гласната поддршка од нашите пријатели вдахнува нов оптимизам во земјава, и меѓу нас политичарите, меѓу администрацијата, меѓу прогресивните сили во земјава, одржувајќи го со тоа и европскиот кредибилитет, особено кредибилитетот на процесот на проширување, нагласи Османи “.

На средбата беа афирмирани одличните пријателски односи на двете земји, кои последните години бележат нагорен тренд во повеќе области од заемен интерес.

„Одлуката за отворање на Амбасада во Братислава не е само симболика, туку и суштински придонес, преку кој ќе се засили нашето пријателство кое е во постојан подем, ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите проекти“, истакна Османи.

Министрите зборуваа и за реформската агенда на Северна Македонија во насока на приближување кон европските вредности во процесот на интеграција и во тој контект Османи потенцираше:

„Oстануваме силно посветени и на реформскиот процес и на напорите за одржување на нашите високи оценки по однос на исполнувањето на Европските критериуми. Набрзо ќе ги претставиме нашите ажурирани акциски документи за исполнувањето на повеќе-годишните реформски цели со акцент на селектираните области од Првиот Кластер посветен на Фундаменталните вредности, и подготвени ќе ги пречекаме сите предизвици кои следат пред нас“.

Состојбите и справувањето со пандемијата, билатералната соработка со посебен акцент на економски план, успешната соработка помеѓу полициските органи на двете земји, унапредувањето на трговската размена и поголемото присуство на словачките инвеститори за влез на пазарот на Северна Македонија, беа само дел од низата теми и секторски политики за кои хомолозите Османи и Корчок дискутираа за време на нивните разговори во Скопје.