Учениците од гимназијата Алгоритам волонтираа во “ЛАЈКА”

Сподели

 

Во текот на вчерашниот ден во посета на прифатилиштето на ЈП Лајка беа учениците од приватната гимназија Алгоритам.  На обострано задоволство имаа прилика да се запознаат, дружат, шетаат, бањаат и чешлаат кучињата во прифатилиштето, а истовремено благодарение нa вработените се запознаа и едуцираа за целиот хуман третман низ кој што поминуваат згрижените кучиња, за процесот на вдомување и понатамошните цели и предизвиците на претпријатието.

 

 

Оваа посета се надеваме дека ќе премине во пракса, дека средношколците од гимназијата Алгоритам од Скопје ќе продолжат и понатаму да не посетуваат со што би оствариле долга и успешна соработка заедно, поттикнувајќи и многу други ученици кои ќе сакаат да ни се приклучат во нашата мисија за грижа и хуман третман на бездомните кучиња.

 

 

Вложувањето во едукација на најмладите и подигнување на свеста за грижа кон бездомните кучиња ќе овозможи создавање на нови генерации на граѓани, поодговорни и поемпатички, кои се свесни дека кучињата се живи суштества и дека треба да се грижат за нивната благосостојба.

Изразуваме голема благодарност до прекрасните педагози кои се грижат за овие деца, за нивната иницијатива и поттикот да волонтираат кај нас.

 

 

Ваквите позитивни примери на млади луѓе, заедно со нашето залагање како јавно претпријатие сметаме дека ќе придонесат во голема мера за разрешување на проблемот со бездомните кучиња кој постои со години во нашиот град.