Цела година молчев, чекав Обвинителството да ме повика да дадам исказ, за тоа како мајка ми почина заглавена во лифт, откако Брзата помош дојде кај нас дома брзо, ама како на кафе, неопремени ниту со носилка, ниту со адреналин, иако жената се гушеше. Вака ја почнува својата приказна низ солзи изреволтираниот Слободан Трендов, син на починатата Лилјана Трендова , кој на 28 декември, 2019 година ја загубил мајка си во лифтот од зградата каде биле со многу луѓе, екипа на Брзата помош и соседи.
– Брзата помош изреагира брзо ама дојдоа како на кафе, без боца кислород, без носилка, без адреналин. Мајка ми ја боцкаше шоферот, сестрата и докторката не знаеа што да прават. За ова имам сведоци живи, татко ми, соседот, се е евидентирано во полиција. Судската медицна кажа дека мајка ми има здраво, срце здрави бели дробови, но и се здебелиле гласните жици и затоа настанало гушењето. Брзата помош не направи реанимација, а тие во нивната изјава кажале дека направиле. Јас бев присутен цело време, каде направиле реанимација, во мислите, видно вознемирен вели Трендов за Слободен печат.
Се почнало кобната вечер, на 28 декември 2019 година, кога мајка му добила анафилактички шок од антибиотик.
– Таа беше здрава, без придружни болести. Брзата помош веднаш дојде, но како на гости. Ми рекоа донеси ќебе и викни комшија, ќе ја симнуваме мајка ти долу. Кога влеговме во лифтот голем број луѓе, тој пропадна, и наместо да се спушти на приземје, отиде во подрум. Ова се случуваше се во зграда во Карпош. Во лифтот останавме 20 минути и мајка ми почина внатре. Адреналин не и дадоа од врата, не ја вклучија на боца кислород, немаа носилка. Изјавиле дека и правеле на мајка ми реанимација, но имам сведоци дека реанимација не направија. Чекав година дена да ме викне Обвинителството да дадам исказ, да си ги донесам и сведоците кои беа дома, меѓутоа денеска ни стигна решение од Обвинителството дека нема основи за кривична постапка зашто мајка ми починала од анафилакса. И тоа Обвинителството одговори на претставка која ја поднесе сестра ми која е адвокат, зашто помина долго време без одговор од нив, додава актерот Слободан Трндов.
Одговорот од Обвинителството стигнал денеска, а тој е дека нема основи за кривично дело кое се гони по службена должност.
„Ве известуваме дека смртта на сега починатата Лилјана Трендова на возраст од 68 години е природна и настаната како резултат од анафилактички шок кој довел до нарушување и престанок на функцијата на важно виталните органи што довело до настапување на смртен исход. Од овие причини ОЈО нема да поведе кривична постапка бидејќи нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност“, стои во дописот од Обвинителството до кој дојде Слободен печат.