ФРОДЕМ: Нелегален и нелегитимен Конгрес на алчната “МЕРИОТ-КОЛИЦИЈА”

Сподели

 

По најавата за одржување на нелегален и нелегитимен Конгрес закажан од страна на довчерашните прислужувачи, а сега одработувачи на политиката на Заев (патем најголем поддржувач и пријател на лидерот во сенка на “Мериот” коалицијата), апелираме до верното, искреното и чесно членство на партијата да не потпаѓа под влијание на нарачаното наменско сценарио за растурање на партијата. Дали ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе се реформира како и секоја друга европска современа демократска и патриотска политичка партија, каде на ред ќе дојде и полагањето сметка и одговорност на сегашното раководство, одлучуваат исклучиво членовите на партијата, а не сценаристите од Бихачка и внатрешните алчни петтоколонаши.

Токму сега и токму тие, бивши министри со мандат од десетина години кои како големи “експерти” промениле по неколку министерства, бивши градоначалници со два, три, па и четири мандати, бивши директори на служби, бивши и амнестирани пр(л)атеници денес се најгласните “главешини” на “Мериот коалицијата”. Заедничко на сите ови биши креатори и поданици на режимот е фактот дека досега никој од нив не е осуден за сторениот криминал и злосторство врз граѓаните, за време додека беа на власт благодарение на кокетирањето и пазарењето со најголемиот политички конкурент кој сега е на власт.

ВМРО ДПМНЕ не заслужува да ја рушат, а најмалку да ја водат кадри кои зад себе имаат еден куп кривични пријави, ниту вмровци по професија и потреба, а најмалку партиски профитери и слугувачи.  ВМРО не смее и понатаму да остане прибежиште и дувло на обвинети и осомничени криминални структури, одродници, платеници и политичари незаситни од желбата за власт, крадење и лично богатење. Партијата не треба повторно да биде отскочна даска за персони кои имаат нескриени амбиции преку грбот на членството повторно да дојдат до власт, да крадат, да се богатат и притоа да не одговараат. Не смее да се дозволи поделба и разнебитување на партијата, само заради тоа што така си замислило лицето З.З во договор со поранешните креатори и поддржувачи на режимот. 

Поради овие структури кои сега се обидуваат да се сокријат позади некаков “Иницијативен одбор за одржување вонреден Конгрес” ВМРО ДПМНЕ долги години беше етикетирана за злосторничко здружение кое работеше ислучиво за потребите и интересите на “фамилијата” и личниот интерес на неколкумина од нив. ВМРО ДПМНЕ не смее повторно да се претвори во приватна партија во сопственост на алчната и бескурполозна фамилија и нејзините подлизурковци кои долги години се богатеа на сметка на членството и народот на Република Македонија

Конгресот на ВМРО ДПМНЕ мора да се закаже и да се одржи согласно Статутот на партијата и овој највисок акт нема право никој да го крши. Конгресот на ВМРО ДПМНЕ мора да биде реформски со кој партијата конечно ќе се ослободи од ваквите структури, а не Конгрес кој ќе биде спас од апс и од казна на оние кои донеодамна слугувајќи ги полнеа своите џебови, а сега шуруваат и одработуваат за политичкиот конкурент. Со бившите и сегашни одработувачи незаситни за власт сокриени зад некаков “Иницијативен одбор” и закажан нелегален и нелегитимен Конгрес партијата нема иднина. Ваков Конгрес им одговара само на налогодавците од партијата на власт и на оние кои договорно ќе бидат ослободени од понатамошно гонење за сторениот криминал.

Ден порано без нив, ден подобро за Република Македонија и за сите нас. Само кристално прочистена и сплотена партија кој доследно ке ги спроведе сите демократски процеси и процедури (вклучувајки го полагањето сметка и избор на претседател на партијата) може да ги победи мрачните партиско-криминални сили кои до гола кожа го соголеа граѓанинот, а притоа не одговараа за ништо” – се наведува во денешното соопштение на Фродем –  ФРОНТ  за демократска Македонија, интегриран во ВМРО ДПМНЕ