Град Скопје – Родово еднаков град

Сподели

 

На последната седница Советот на Град Скопје ја разгледа и усвои стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје 2021 – 2025.

Станува збор за стратешки документ кој се донесе со цел унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во севкупното општествено живеење во градот. Град Скопје е една од првите единици на локална самоуправа која беше вклучена во програмата за родово одговорно буџетирање на телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, а со ваквата стратегија се потврдува како лидер и пример за општините во промоција и унапредување на родовата рамноправност.

Како основа во изработка на оваа стратегија се земени двата меѓународни документи кои се однесуваат на локалната самоуправа и родовата еднаквост: „Светската декларација на жени во локалната власт“ и „Европската повелба за еднаквоста на мажите и жените во локалниот живот“. Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје ги има превид и преостанатите стратешки документи на национално и на локално ниво. Истата е направена врз основ на анализа на реалните податоци и дава преглед на основите индикатори на Град Скопје во различни области, со посебен акцент на прашањата во кои најмногу можат да се детектираат родовата нееднаквост и нерамноправност во односот помеѓу мажите и жените како што се неплатениот труд, јавната безбедност и насилството, пазарот на труд и вработување, здравство, образованието и друго.

Со Стратегијата за родова еднаквост, Град Скопје ги промовира еднаквоста, недискриминацијата, партиципативноста, еднаквите можности за сите, одржливоста, толеранцијата, лидерството, транспарентноста и отчетноста.

Акцискиот план за родова еднаквост (2021-2025), кој е дел од оваа стратегија, предвидува преземање краткорочни и среднорочни активности од повеќе области планирани за период од четири години, а имплементирани преку годишните оперативни програми. Предвидено е да се примени родов пристап при планирање и доставување на сите јавни услуги од областите на: урбанизмот, социјалната здравствена и детска заштита, културата, спортот, сообраќајот, животната средина, комуналните дејности, локалниот економски развој, образованието, како и во работата на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје.

Планирани се многубројни конкретни активности како: обезбедување услуги на нега во домашни услови, дневна нега и грижа за стари и изнемоштени, болни лица и лица со посебни потреби, зголемување на опфатот на девојчиња во средното образование со посебен акцент на Ромки, зголемување на бројот на девојки во техничките науки, намалување на сегрегацијата на работните места, зголемување на бројот на бизнис жени, промоција на женски автори, зајакнување на женски културни дејци, инвестиција во јавна инфраструктура за развој на спорт според преференции на жените, достапност на јавен транспорт и транспортни линии.

Активностите ќе бидат финансирани од буџетот на Град Скопје.

Оваа стратегија е сеопфатен документ на Град Скопје, како креатор на еднакви можности за жените и мажите, и ја изразува севкупната политика и плановите на Градот за унапредување на родовиот аспект во сите области на живеење и работење со цел подобрување на целокупниот квалитет на живеење на жените и мажите.