ВО ОДБРАНА НА АСНОМСКИОТ АПЕИРОН – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Сведоци сме на брз подем на десничарски политички формации, партии, па дури и движења.

Александар Литовски

„Крајот на историјата“, преку денешната сеприсутна неолиберална идеологија, произведе социјално, економско, културно и идеолошко пустошење низ целиот свет. Во рамките на тој грандиозен антихуман проект за воспоставување на тотална доминација врз светот, во текот на изминатите неколку децении, сведочевме еден агресивен планетарен напор за оцрнување и уништување на идеите за хуманизам, социјализам и антифашизам.

Покрај полунасилното уништување на државните институции, разорувањето на општествената сопственост и приватизацијата во раните девеесети години на минатиот век, во Македонија започнаа да се воведуваат и радикални промени во толкувањето на поранешниот кохезивен историски и антифашистички наратив. Антимакедонските и антикомунистички вампири исползија од своите мувлосани ковчези и отворено почнаа да ги врескаат своите трули и фалшиви неоврховистичко-пробугарски, балистички или неофашистички пароли. Со сите сили се обидуваа и се обидуваат да го изместат тежиштето на историската свест во балистичките или врховистичките страници од минатото. Нешто подоцна, како супститут за автохтониот македонски национален развој и антифашизмот, се појави државно спонзорираната антиквизација. Целото тоа апсурдно препрочитување и фалсификување на македонската национална историја, со јасна тенденција таа да се исчисти од антифашизмот и македонизмот како „комунистички“ наративи, беше, всушност, наложено од „научните“, политичките и разузнавачките центри во Софија, Тирана, Белград и Атина. Но, таа, во суштина антимакедонска, политика на сеќавањето стана „официјална“ политика на некои тогашни македонски политички сили. Сосема едноставно кажано, имаше и има разни претставници на власта и невладиниот сектор, разни новинари, интелектуалци и скудоумни одроденици кои делуваат од неофашистички или антимакедонски позиции.

Денес, во светлина на големобугарскиот квази-историографски и националношовинистички атак за да се продолжи деветнаесетвековниот процес на денационализиција на Македонците, се влезе во една општа хистерија да се оцрнат и морално делегитимираат антифашистите и носителите на македонскиот национален идеал, да се рехабилитираат антимакедонските врховисти и балисти, односно предавниците и соработниците на бугарскиот, германскиот и италијанскиот окупатор во време на Втората светска војна. Под овој притисок, неолибералниот, ситнобуржоаски, проамерикански, квазилевичарски дел од македонското општество, оној кој е полн со презир кон македонизмот и сопствениот народ, оти смета дека „не го бива“, дека „нема поглуп народ“, дека „не заслужува држава“, дека е склон кон „колективистички идеологии“, го сведе антифашизмот на некаква квазиморална категорија, на преќутно толерирана семејна традиција, всушност, на немодерна и непотребна „идеологија“ лишена од каква било политичка содржина и обем. Генерално, со ситни разлики во деталите, крајна цел на сите овие, квазилеви и десни, мршојадци со неизлечива идејна амауроза е трајно делегитимирање на солидарните социјални и економски алтернативи на капиталистички поредок и уништување на националниот супстрат како пречка на глобалниот корпоративизам и на соседските големодржавни фикции.

Антикомунизмот и антимакедонизмот настапуваат заедно во „проектот“ за  растурање на македонската држава и нација. Прикажувањето, од балистички и неоврховистички позиции, на асномскиот апеирон и на повоената македонска ренесанса на сите полиња, а особено на полето на сеопфатната македонска национална афирмација, како „царство на мракот“ и на национална стагнација, се само дел од тој проект. Секако, малкумина ќе ја прифатат ваквата логичка и историска халуцинација, оти „разумните луѓе, не дозволуваат да бидат измамени (и) велат дека не треба да ѝ се препуштиме на лудоста…“ (Мигел де Унамуно), но сепак, нужно е на злото и глупоста активно да им се спротиставиме.

Оттука, се поставува прашањето како да се поставиме наспроти растечкиот антифашизам и антимакедонизам? Можеби, првиот чекор треба да се направи со дефинирањето што е македонизам и што е вистински антифашизам? Потоа, би требало да се самодекларираат и самоорганизираат македонистите и антифашисти. Можеби, треба посериозно да се сфати значењето на спротиставувањето на антикомунистичкиот и антимакедонскиот историографски ревизионизам и да се преземи широка акција за негово делегитимирање? Тоа значи дека ќе треба да се одбранат и антифашистичката борба, и асномскиот прапочеток, и повоениот, економски, културен и национален, плодоносен развој. На крајот, неизбежно, ќе треба да се организираат борбени и активни форми на македонизам и антифашизам. Се чини, порано или подоцна, ќе треба да се реактуелизира онаа борбена парола од време на народноослободителната и антифашистичка борба за ослободување на Македонија: „Смрт на фашизмот – слобода на народот!“