Заев: Честит 8 март, за родово еднакво општество! (ВИДЕО)

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев упати честитка по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март.

„Избирам да предизвикам да ја менуваме културата на третманот кој жените го имаат во нашето општество.

Се придружувам во повикот Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство.  

 

Немаме повеќе ни минута за губење. Жртвите мора да бидат заштитени.

Како премиер, ги повикувам и владините надлежни институции да ги забрзаат измените во законската регулатива, сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик со мерки за итно постапување на овие случаи. Да оневозможиме идни Јавни соби.

Денеска избирам да предизвикам промена во тоа како ја разбираме родовата еднаквост. Таа е повеќе од еднаква застапеност и дека таа е силно врзана за правата на жените и како ги применуваме во секојдневниот живот.

Кога реков дека борбата за правата на жените и девојките почнува од секој од нас поединечно ве предизвикувам да го следите мојот пример. Во мојот кабинет на повеќе од 70% од местата се жени или девојки. На раководните места – повеќето се жени.

Од 8 министерства во Владата со кои раководат членови на СДСМ, во 4 ресори раководат жени. Тие произлегоа од родово рамноправни тандемски двојки кои за првпат се воведоа како принцип на парламентарните избори.

Политичкото и економското зајакнување е одговорот на напредните демократии, какво што општество тежнееме да сме ние.

Избирам да предизвикам да создаваме услови жените да се таму каде што се носат одлуките.

Честит 8 Март, за родово еднакво општество!“ – порача премиерот Заев.