Промовирани османлиските документи за историјата на Македонија

Сподели

 

Во организација на Државниот архив и фондацијата „Екај“ од Скопје беше промовирано изданието „Османлиски документи за историјата на Македонија, Скопски Санџак, Каза Скопје, 1832/33“ од авторите проф. д-р Музафер Бислими, доц. д-р Аднан Шериф и м-р Ирфете Ибраими.
 
 
 
 
 
 
 
Во своето воведно обраќање, директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески пред присутните истакна дека институцијата посветува големо внимание на објавувањето турски документи за историјата на Македонија, како непроценлив извор за различни историски појави и процеси. Д-р Емил Крстески посочи дека Државниот архив со неговите партнери од Република Турција има мошне плодна соработка речиси три децениии.
 
 
 
 
 
Авторите на изданието, проф. д-р Музафер Бислими и доц. д-р Аднан Шериф, потенцираа дека станува збор за први модерни пописи спроведени во османлиската држава еквивалентни на денешните матични книги. Ова издание опфаќа важни факти за бројот на населението и лични податоци од домаќинствата кои се попишувале. На тој начин, како што истакнаа авторите, се дава поттик за изучување на населението во Македонија од повеќе аспекти.
 
 
 
 
 
„Османлиски документи за историјата на Македонија, Скопски Санџак, Каза Скопје, 1832/33“ претставува продолжение на серијата изданија која почна да се издава од Државниот архив во 2018 и 2019 година за пописот на исламското население за Кичевската и Тетовската Каза.
 
Промоцијата беше збогатена и со отворање на изложбата „200.000 југословени-иселеници“ од новинарот м-р Муртеза Сулооџа.