Кога во време на најголемата војна во историјата на човештвото окупаторската чизма вмаршира во македонските градови, многумина декларираа дека „не се занимаваат со политика“, дека не е важно дали ќе бидат Срби, Грци, Бугари или Македонци, дека слободата не е важна, туку, сметаа дарвинистички, важно е да преживеат, да заработат и да продолжат „мирно“ и добро да живеат заедно со своите семејства. Овие мекотели со човечки изглед, и во тие несреќни времиња, како и многупати пред тоа, беа само политички покорници и национални одроденици, кои молчешкум се прилагодуваат.
Секогаш низ македонската историја, кога и да се појавеше на хоризонтот некаква голема несреќа, овие наши стаорци, кои се нарекуваат граѓанска средна класа, се повлекуваа во својата глувчешка дупка и сеирџиски ја набљудуваа туѓата несреќа. Но освен нив, во тие трагично-турболентни времиња, за наша македонска жал, повторно на нашиот политички, ситносопственички, праматарски пазар се појавија и мноштво врховизирани бугаромани кои со „леб и цвеќе“ ги чекаа окупаторските војски и ги помагаа во уништувањето на сè што мислеше национално македонистички и антифашистички. И, токму таа „петта колона“ со многу што ги поттикна и помогна големите несреќи кои следуваа и кои однесоа илијадници животи на македонска почва.
Сличен, дефетистички, беше односот на македонските чорбаџии, кулаци и лумпенпролетери кон оние кои решиле да се борат против злото. Нашите македонски „итреци“ кои секогаш молчат и ништо не прават ако не видат некаква лична корист, исправени пред крикот за слобода кој доаѓаше преку партизанскиот пукот во блиските шуми, не само што незадоволно мрмореа во името на нивниот граѓански и ситносопственички мир, не само што негодуваа заради „утопистичката“ антифашистичка борба во која воопшто не веруваа, туку ги оправдуваа полициските рации, ноќните препади и крвавите распити со избиени заби и искршени коски, па дури не ги тангираа ниту смртните осуди, ниту мртовците по македонските ораници, планини, села и мрачни градски улици. Моралната депресија сред самоволното и безглаво фашистичко бесправје, стекна пандемиски размери па „нормално“ беше изобличување на просечниот македонски граѓанин до безгласна пачавра со која разни мариновци, асеновци, ќурчиевци си ги бришеа чевлите. Така, скоро никој не се вознемируваше на антихуманите фашистички испади: мартиромански самоубиства по занданите, масовност по казаматите, ненадејни интернации на цели семејства од „неблагонадежни“, секојдневни посегања по македонското и човечко достоинство…
Сето тоа се елементите кои, заедно со сеопштото морално растројство на поимите, мерилата и претставите, и заедно со „вековната мудрост“ дека „наведната глава сабјата не ја сече“, доведоа до слом во годината четриесет и трета, кога ова големобугарско и фашистичко лудачко бунило пламна во форма на масовно злосторство. Тогаш, ѕвекотот на прангите, оковите и лисиците кои се слушаа по македонските градови при чекорењето на многуилијадната еврејска колона, всушност беше придружното фортисимо на започнатата мартовска бугарска фашистичка акција за исполнување на антихуманата и антирационална спогодба Белев-Данекер. Таа стравотно грозна музика, како и злокобниот молк на македонската граѓанска класа, која немаше ниту желба, ниту сила за гласен протест, заедно со нејзината воинствена пробугарска врховистичка „елита“, всушност го овозможија масовниот помор на сограѓаните Евреии и, во крајна линија, со ова нивно бесчестие го изгазија и испоганија македонското историско достоинство. И воопшто не е за утеха, што слични ситуации се случуваа насекаде низ окупирана Европа. Единствената светла македонска точка во ова бесчестие, повторно беа нашите македонски партизани кои во своите редови прибраа мнозина борци Евреи и со тоа ги спасија од сигурната смрт во Треблинка.
Можеби оваа наша трагедија, како и бесчесната улога во неа на дел од македонското население, може да послужи како поука за денес. Имено, можеби ќе сфатиме дека спремноста на некои да тргуваат со националните интереси и националното достоинство води кон поттикнување и овозможување на низа свирепи, антихуманистички и антинационални дела, кон морален и политички крах, кон губење на живототворното заедништво и солидарност меѓу луѓето. Затоа, мора да бараме политика која нема да молчи и коленичи пред злото што доаѓа од внатре и од надвор, ниту ќе дозволи заради ситни привремени политички интереси да се извалка и трајно оштети македонското национално и човечко достоинство.