“МОЗОК-КОАЛИЦИЈА” – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

На ранчот Бигелоу во државата Јута, со декади се случувале чуднесни мутирани нешта. Дури и животни со човечка глава. Еднаш сопственикот на ранчот Терја Шерман бил нападнат од суштество со глава од волк, а тело на коза. Шерман пукал во чудовиштето, но за чудо куршумите се одбиле. Бројни луѓе на тоа место виделе чудни животни кои веднаш исчезнувале. Познато е тоа како на коњот Снипо му бил изваден мозокот без никакви траги од операција. Ранчот му бил продаден на еден истражувачки институт за да ги истражува тие страшни феномени, но до ден денес нема некое логично објаснување.

  Мерсел Биљали

Како што нема логично објаснување за тоа како ние од втора држава по развој во регионот пред 30 години, стасавме на последно место! Како што нема логично објаснување како тоа од солидно знаење стасавме до хринично незнаење! Како што од просечна екологија стасавме во депонија! Како што од правда со чекан, стасавме до чекан по правдата! Како тоа борбата против криминалот да ни наликува на борба против сопствената сенка, каде што криминални структури имаат сé освен име и презиме! И многу што друго како!? И конечно, како тоа денес да се демонстрира „стабилно мнозинство“, а утре нудиме „широка коалиција“! Но, чудно е да се чудите. Ние одамна сме навикнати да бидеме болни и не сакаме да бидеме здрави.

Гледајќи ја широката коалиција од призма на општ интерес, таа по своја природа е знак на политичка широкоградност, но проблем е што кај нас тоа се нуди само тогаш кога сме ја довеле државата до дното. Паметните германци, веќе три мандати туркаат со широка коалиција, но тоа го прават во полза на поважни интереси на државата. А кај нас, кога секој ден на празно се пее дека новото сонце се раѓа, а реално исчезнува и постојното, коалицијата ја нудиме за да не стасаме до тотален мрак. И потоа ќе треба мракот да го истерате со помош на марихуаната, која скоро ќе ја прогласиме за врвна стратешка економска ориентација. A имаме многу други ресурси со кои можеме да стасаме до пристојна земја за живеење. Сега земјата со природни услови за идеално земјоделие, увезува готово милијарда евра храна годишно! Тука ептен нешто, ама ич не чини. А да не зборуваме за одлични природни ресурси за развој на планинскиот и руралниот туризам, од кој државите со мозок реализираат милијарди евра. Но, тоа не е можно да се прави со партиска кадровска селекција на тие што праваат развојна стратегија или промоторите за непостојни инвестиции.

 

Експертска влада

Во принцип, не треба многу да се очекува од експертска влада која би била во скут на безидејни и безидеални политичари. Ние поголго време докажуваме дека хронично имаме дефицит на идеал. А за да се излечиме од тоа, ни треба многу долг период. Оттука експертската влада може да успее единствено ако зад неа стои силен странски ментор, кој цело време ќе треба да ја мониторира. Врвни светски експерти за инвестиции мислат дека со професионален пристап, државата за пет години може да направи голем економски скок за да го фати светскиот тренд на економски развој. Поинаку, само ќе тонеме уште повеќе. „На вашата држава не и требе ни широка, а понајмалку тесна коалиција. Нејзе и треба мозок-коалиција“- вели странец акредитиран тука. Таа со деценија не знае накај треба да се движи, што треба да прави, дури не е свесна, ниту за своите ресурси – вели добронамерниот странец.

Лошата политика што подолго време нѐ следи, го има сменето и нашиот ментален код, па неслучајно што сме навикнати да се фалиме со злото, а да го мразиме доброто. Израел има територија помала од нас, со 70% пустина, а издржува над девет милиони жители со пет пати повисок стандард. Нејзиното „пустинско земјоделие“ снабдува 11% од пролетниот земјоделски пазар на ЕУ. Сите земји се движат напред, дури и бројни африкански држави, а ние 30 години тапкаме во место, заробени во незнаењето и криминалот. Србија пред дваесет години беше на светското дно поради погубната политика на Милишевиќ, но сега таа е регионален лидер. Вучиќ можеме да го критикуваме за сѐ и сешто, ама никако дека нема идеал и развојна визија. Србија со големи вештини стана трета држава во светот по процентот на вакцинирање на своето население. Нејзините соседи тепаат муви. Но, важно е да земаме дебели кредити за вештачки да го задржиме рејтингот. Сѐ некако тука се врти околу електоралните потреби, а тоа уште повеќе ќе не закопува. Ќе ни избегат и тие малкумина млади што ни останаа во државата, оти гледаат дека контејнерите ни се претворени во народни кујни.

Нам може да ни помогне широка коалиција само ако исполниме многу други услови. Првин фер избори и ресори, соодветно резултатите на изборите со странско аминување и долгорочно мониторирање. Второ, прочистување на судството со помош на странци, оти ако се копа по минатото на едни судии, ќе се откријат страшни злоупотреби. Трето, апсолутен медитократски систем за прием и избор на кадри. Петто, враќање на нелегално стекнатиот имот. И шесто, а многу важно, професионална развојна стратегија дефинирана од врвни експерти. Оти развојот не се води по паметот на тие што самите немаат памет. Треба да им се каже збогум на тие луѓе кои енормно се збогатија продавајќи илузии.

Воопшто не е лесно во услови кога со децении тука луѓето полесно создавале богови, отколку Богот луѓе. Тука луѓето, како третман имаат голема потреба да им се укажува дека не е добро да скокаат во празен базен. Оти долго време тука пропагандната машинерија ги навикна луѓето да се посомневаат во можното, а да веруваат во апсурдното. А за едни Господе, немој да им простиш оти знаеле што прават!