Опозицијата во Собранието не се откажува од блокадите и деструкциите, свесно и намерно кочи се што е во интерес на граѓаните, во интерес на државата и нејзиниот развој, порачаа денес од СДСМ околу уценувањето со кворумот.
-Видовме дека на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса воопшто не им е важно тоа што илјадници граѓани чекаат државна помош која токму тие ја блокираат, а слушнавме и како некои пратеници бесрамно и безобразно им порачуваат на граѓаните да се стрпеле некој месец без плата.
Законот за административни службеници, Законот за високо образование, Законот за внатрешни работи, Законот за работни односи, измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, Законот за културно наследство, Законот за нов Клинички центар, финансирањето на новиот еколошки јавен превоз во Скопје, се само дел од законите кои опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на секој начин ги кочи и блокира.
На пратениците од опозицијата овде во Собранието не им е важен ниту развојот на Скопје, не им е важна заштитата на животната средина, не им е важен јавниот сообраќај во главниот град.
Затоа го кочат и Законот со кој треба да се обезбедат средства за реализација на бас рапид транзит, односно за воведување на нов, еколошки и ефикасен систем на јавен превоз во Скопје.
Зошто пратениците од опозицијата се против ваков важен капитален проект, кој е долгогодишна цел на сите досегашни градски администрации? Зошто пратениците на опозицијата не сакаат да се модернизира јавниот превоз? Очигледно дека не постојат логични објаснувања освен фактот што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса свесно сакаат Собранието да не функционира, свесно да предизвикуваат штети врз граѓаните и државата. Ако веќе решиле да се однесуваат така, ред е и да ја вратат платата што ја добиваат од граѓаните, од Собранието, затоа што не си ја работат својата работа, не работат за интересите на граѓаните кои ги гласале и кои преку Буџетот ги плаќаат.
Ваквиот неодговорен однос на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Собранието е препознаен од граѓаните и затоа тие повторно ќе бидат казнети.Како парламентарно мнозинство ќе ги искористиме сите деловнички и законски можности за да можат сите законски решенија во интерес на граѓаните да бидат донесени, порачуваат од СДСМ.