Со пристигнување на вакцината АстраЗенека започнуваме со широка имунизација на граѓаните

Сподели

 

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во вестите на Сител, најави дека, утре со доаѓањето на вакцината Астра Зенека ќе започне вакцинацијата на граѓаните кои се над 75 годишна возраст.

-Стигнуваат првите вакцини од Ковакс механизмот и сега сме ние целосно посветени, системот практично добро да профункционира. Целокупниот процес на имунизација да се спроведе брзо и ефикасно за што веќе има направено план. Први ќе бидат повикани оние критични групи на граѓани согласно Националната стратегија во Здравствените домови, а понатаму имаме место во салата Борис Трајковски за масовна имунизација – рече Филипче.
 
Во месец април освен вакцините преку Ковакс механизмот, во нашата земја ќе пристигнат и вакцини преку системот на солидарност од ЕУ, се очекува да стигне одредена колина вакцини што ја најави Бугарија, како и вакцини од производителот Синофарм.
 
-Не се само овие вакцини коишто ќе стигнат во месец април. Сето она што очекувавме да се случи некое време порано, еве се случува сега во месец април. Претседателката на Европската Комисија во телефонски разговор со премиерот Заев, најави дека и таа количина од Европската солидарност, тоа се близу 20.000 вакцини ќе пристигнат до 15 април, има најава и за тие вакцини некоја одредена количина Бугарија која што ги најави навистина пред неколку месеци, кинеските вакцини исто така, така да верувам дека тоа ќе биде еден систем којшто навистина брзо ќе започне со работа. Процесот на вакцинација со Астра Зенека, верувам дека ќе започне во среда, кога ќе се завршат и сите формалности околу администрацијата, документите, дозволите за употреба, согласно регулативата на Агенцијата за лекови, за да имаме еден навистина добар систем на спроведување на процесот на вакцинација – истакна Филипче.
 
Министерот посочи дека дневно оптимумот е да се вакцинираат помеѓу 4.000 и 5.000 граѓани, а бројката може да стигне и до 7.000.
 
– Мислам дека некаде на средината на месец јуни сликата ќе биде значајно различна со ова зголемување на достапноста, со овој систем којшто планираме да го имплементираме мислам дека ќе постигнеме навистина голема бројка на граѓани да бидат веќе вакцинирани – изјави Филипче.