Град Скопје реагира на прес-конференцијата на Ирена Попова, член на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на постапките за промена на имињата на улиците во Скопје.
Целата постапка која се спроведе изминатиов период е целосно транспарентна и запазени се сите законски постапки за реализација на истата. Град Скопје спроведе on-line анкета во летото 2019-та година на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи. Во листата се вклучени имињата на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имињата на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и др.
Ги негираме наводите дека од листата се тргнати голем број на имиња, како што се Јустинијан Први, Христо Татарчев, Васил Чакаларов, Павел Шатев и други. Овие имиња на улици ќе продолжат да постојат, каде дел од нив ќе добијат посоодветни локации, додека кај дел од улиците не се менува името на главната улица, туку се додаваат нови имиња на краците на истата како што е случајот со улицата Христо Татарчев, соопштуваат од Град Скопје.