Филипче: Од 2.800 пријавени, 2.500 се вакцинирале вчера, нема датум кога ќе пристигнат следните вакцини

Сподели

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека вчера се вакцинирале 2.500 граѓани, од вкупно 2.800 пријавени. Имало два случаи на колабирање, но не поврзано со вакцината туку поради паничен напад и страв.

Заклучно со вчера 13.000 граѓани се вакцинирани, а 90 проценти од медицинскиот персонал кој работи во ковид-центрите е вакциниран и ревакциниран. Во салата „Борис Трајковски“ се вакцинирал и медицински персонал од јавните и приватните установи кој не бил опфатен со првичната вакцинација.

На новинарско прашање во врска со реакцијата на возрасните граѓани дека не можат да добијат термин, Филипче изјави дека не е запознат со таков проблем, бидејќи можеби на матичните им треба време за да ги исконтактираат пациентите над 75 години.

Тој додаде дека оптималниот број на дневно вакцинирани кои сакаат да го постигнат е 7.000 лица на ден, но тоа ќе зависи од достапноста на вакцини. Филипче не кажа точен датум во април кога треба да пристигнат кинеските вакцини, како и оние на Фајзер, и оние преку Ковакс механизмот.

Во однос на исполнетоста на болничките капацитети, тој рече дека во Заводот за рехабилитација има кревети, но очекува лекари од „Аџибадем Систина“ и „Ремедика“ кои ќе помогнат во лекувањето на болните лица. Од клиниката „Жан Митрев“ добил известување дека дел од медицинскиот кадар бил на боледување.

За намалување на цените по приватните клиники рече дека не постои правен механизам тоа да се случи, туку граѓаните доброволно заминуваат таму на лекување, а исто така болниците сами ја одредуваат цената на лекувањето.

Филипче рече дека рестриктивните мерки кои беа донесени вчера треба да придонесат за намалување на притисокот врз болниците бидејќи велигденските и рамазанските празници носат дополнителен ризик, при што здравствениот систем не би можел да издржи.

На новинарско прашање за задоцнет одговор на кризата, Филипче изјави дека никогаш не се воделе од политички побуди туку со цел заштита на здравјето на граѓаните, а досегашните мерки довеле до тоа да нема експоненцијален раст на новозаболени и здравствениот систем да може да пружи нега на секој еден пациент. Тоа, според министерот можело да се види и во одредени градови каде што таа крива на заболени веќе е во опаѓање.

Тој уште еднаш упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките и да се вакцинираат, за што побрзо да се излезе од овој трет бран кој до сега е и најсилен. Куманово, Битола, Кичево и Тетово остануваат критични градови, каде што преносливоста на вирусот е широко распространета и постои оптоварување на болничките капацитети.

За вакцинираните во Србија, дополнително ќе се знае дали ќе бидат ревакцинирани овде и со која вакцина. За вакцината на „АстраЗенека“ се чека препораката од Европската агенција за лекови ЕМА.