По кратко боледување, денеска во Скопје, на 60-годишна возраст, почина Марко Зврлевски, поранешен Јавен обвинител на Република Македонија, соопштија од Jавното Oбвинителство на РСМ.
Зврлевски e роден на 4 декември 1960 година во Дебар. Основно и средно образование завршил во Скопје, а дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Работното искуство го започнал при Македонската академија на науките и уметностите (1988-1989), по што кусо време работел како новинар во Македонската радио телевизија. Од приправник по правна струка, во тогашното Општинско јавно обвинителство во Скопје (1989-1991), преку стручен соработник (1991-1998), адвокат од областа на казненото право (1998-2000), заменик-јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје; (2000-2005), Зврлевски речиси целата своја кариера ѝ ја посветил на јавнообвинителската работа. Во декември 2005 година бил распореден во Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, а по трансформирањето на одделението, бил избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од ноември 2009 до јануари 2013 година како Основен јавен обвинител раководел со Основното јавно обвинителство – Скопје. Од 2009 до септември 2015 година бил и претседател на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија. Во јануари 2013 година бил именуван за Јавен обвинител на Република Македонија, функција што ја извршувал до август 2017 година.