Претседателот Стево Пендаровски денеска ja прими Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски, честитајќи го изборот за претседателка на Врховниот суд, ја нагласи важноста на улогата на Врховниот суд во воедначувањето на судската пракса преку надлежноста да утврдува начелни ставови и начелни правни мислења, со што се обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите.
Пендаровски истакна дека еден од најзначајните сегменти во европската интеграција на државата е ефикасното функционирање на правната држава, а независното, непристрасно и професионално судство е најдобар гарант за остварување на оваа цел.
Соговорниците разговараа и за предизвиците во остварувањето финансиска независност на судството, како и за кадровската екипираност на Врховниот суд.
Претседателот Пендаровски ја изрази својата целосна поддршка за независноста на судството и изрази подготвеност за соработка во сите области во кои ќе биде потребно и ќе биде побарано од Врховниот суд.