Дводневниот самит на НАТО денеска почнува во полскиот град Варшава, а главна тема ќе бидат безбедносните прашања, состојбата во Авганистан, кризата во Украина и односите со Русија, како и борбата против Исламска држава (ИД).
Северноатлантската алијанса не е директно вклучена во борбата против ИД во Сирија и во Ирак, но некои нејзини членки се дел од антитерористичката коалиција, предводена од САД.
На самитот, на кој ќе учествуваат и претседателите на САД и на Франција, Барак Обама и Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер во заминување Дејвид Камерон, како и министрите за одбрана и за надворешни работи на Македонија, Зоран Јолевски и Никола Попоски, ќе се разговара за односите со Русија, која дел од членките ја гледаат како потенцијална закана за НАТО.