Филипче: Целосно ги демантирам наводите за исплатени милион евра за респиратори од Бразил

Сподели

 

“Опозицијата и медиумите блиски до нив, преку лаги и клевети продолжуваат да го подриваат здравствениот систем. Во услови на пандемија, како Министерство за здравство правиме се што е во наша моќ да обезбедиме потребни вакцини, лекови, опрема или респиратори, а ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е креирање лажни афери”, напиша министерот Филипче на својот фб.

 

“Целосно ги демантирам наводите за исплатени милион евра за респиратори од Бразил. Ниту се исплатиле пари за посочената набавка која се споменува во објавите на медиумите блиски до опозицијата, ниту било што од напишаното во текстот е точно.

Министерството за здравство никогаш нема потпишано договор за набавка на респиратори од Бразил ниту воопшто има донесено одлука за таква набавка. Вакви рециклирани лажни афери за кои порптаролот на ВМРО-ДПМНЕ држеше прес конференција уште пред една година не поминуваат во јавноста. Граѓаните се заморени од измислувањата на опозицијата која освен тоа ништо друго конструктивно нема направено за време на пандемијата. ВМРО-ДПМНЕ лажеше за набавка на вакцини, за опрема, за број на тестови, а сега и за респиратори – лажна афера стара цела година.
Барам од Инфомакс, Курир, Нетпрес и сите кои ја шират лагата на ВМРО-ДПМНЕ итно да ги повлечат текстовите со кои ја лажат јавноста дека некој злоупотребил народни пари. Во спротивно, ќе ги употребам сите правни механизми да одговараат за ваквите клевети”, напиша на Фејсбук, министерот за здравство, Венко Филипче.