Рокот за пријавување за втората фаза од вакцинацијата против Ковид-19 за новинарите и медиумските работници е продолжен и трае до 23 април (петок), информираат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
На овој повик нема ограничувања и може да се пријават сите новинари и медиумски работници кои имаат активен ангажман поврзан со некој медиум, како и слободни новинари и медиумски работници. Имунизацијата, во соработка со Министерството за здравство се очекува да биде организирана наскоро, за што пријавените навремено ќе бидат известени, како за термините, така и за локацијата, велат оттаму.
Лицата кои се пријавија на првиот повик, а кои не ги исполнија условите за првата фаза од вакцинацијата, додаваат, се ставени на списокот за вториот круг на вакцинирање.
ССНМ и ЗНМ ги замолуваат пријавените да ја проверат точноста на контакт податоците (електронска пошта) кои ги доставиле до нив и доколку увидат одредени грешки да ги известат во најкус можен рок за, како што велат, да не доаѓа до недоразбирања при известување за термините.
-Начинот на пријавување е ист како и за првата фаза и ќе оди преку редакциите кои треба да достават список на електронската пошта: contact@ssnm.org.mk