Живановски: Веб наследството како артефакт за идните генерации

Сподели

 

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини. Некои подолговечни портали, со чести редизајни, исто така, трајно ја губат својата архива и сведоштва за настаните. Зачувувањето на објавените материјали во интернет просторот треба да претставува приоритет и обврска на сопственикот, кои мораат да се решат и системски, за идните генерации да не дојдат во ситуација да се информираат за нашето време и за настаните во нашата земја од странски извори и со нивен агол на гледање.

 Ненад Живановски

Потребата на човекот да остави визуелни или пишувани траги за своето постоење и битисување, со пронаоѓањето на интернетот како конечно да го решило овој исконски проблем. Од праисториските хиероглифи, резбите на дрво и камен, уникатните ракописи и цртежи забележани на целулоза и папирус, пронаоѓаењето на гутенберговата печатница, па сѐ до аналогните аудио и видео записи, сепак, интернетот претставува најсупериорниот медиум кој таквата потреба на човекот има можност да ја реализира.

Интернетот, како дел од дигиталниот свет, е практично со неограничени просторни и мемориски капацитети, а со минималните хардверски димензии е достапен на секого и секаде и затоа дава можност трајно да се пренесат информациите на идните генерации за сегашноста која тогаш ќе биде минато.

Сопствената продукција мора трајно да се сочува

Демократизацијата на интернетот и неговата достапност до секој човек и за секој народ и држава, значи и плурализација во оставањето на траги за заедничкото време, но и за перцепциите и евалуациите на времето и настаните. Практично, секој интернет портал и страна кои се отвораат и „пловат“ низ виртуелното пространство не се само нашиот информатор за сегашноста, туку и нашата „физичка“ врска со идните генерации. Но, само доколку бидат и трајно сочувани и технички подготвени да не бидат избришани. За жал, тоа е проблемот за кој во македонскиот интернет простор сѐ уште се нема воспоставено функционално решение.

Пред појавата на интернетот, во Македонија (но и во било која друга држава) во секој дневен и периодичен весник имало задолжен архивар, кој го архивирал секој новоиспечатен број, за на крајот на годината сите броеви да ги укоричи во една подебела книга. Исто така, издавачот на печатен медиум бил и законски обврзан да доставува примероци до Универзитетската библиотека и до другите библиотеки во земјата, каде примероците се ахивирале, така што и денес истражувачот може да најде стари броеви на разни списанија, кои излегувале во Македонија и поранешна Југославија пред повеќе години и децении.

Поради истата потреба и сега порталите би требало да имаат ангажирано лице со слична функција, кое би ги архивирало авторските текстови и сопствената продукција. Или, можеби, да имаат софтверско решение, кое би му овозможувало на авторот на текстот освен за дневна објава, да има опција и за архивско зачувување на објавеното. Во таков случај, содржините можат и да не бидат во истиот облик и квалитет како што биле објавени (заради заштеда на меморија) туку да се зачуваат во посурова верзија – текстот да се конвертира во ПДФ формат, а аудио и видео продукцијата да биде компресирана во некој поскромен формат.

Фактот што голем дел од она што се објавува на нашите портали се преведени написи од странски портали, најмногу од српски и хрватски, но и од англиски, таквите содржини, на некој начин, се заштитени од заборав и релативно лесно можат да се пронајдат преку глобалната интернет архива. Меѓутоа, мора да се изнајде начин како трајно да се сочува од заборав сопствената продукција на еден македонски портал, особено на оној кој престанал да постои. Голема општествена загуба е она што се случи со порталите на А1 телевизија и дневните весници Дневник, Утрински весник и Вест, чија богата архивска содржина трајно се изгуби со гаснењето на овие медиуми.

Ако е за утеха, ова е и глобален проблем, особено со сѐ поагресивното влегување на разни инвестициски фондови во медиумската индустрија, кои приоритетно се ориентираат кон остварување профит, без изграден или игнорантски однос кон главната функција на медиумите – да се информатор и сведок на времето во кое излегувале. Како последица на таквиот однос, на десетици локални дневни весници во САД им е трајно изгубена повеќедецениската архива, со нивното купување од страна на инвестициските фондови.

Со еден клик до весник од пред три века

Во светот има повеќе решенија како му се приоѓа на овој проблем, но, се чини, најреферентното е она во Велика Британија, кое, повеќе или помалку, е моделот кој се пресликува и во други држави. За разлика од некои непросветени народи (!), склони кон лесно заборавање на сопствените историски настани, Англичаните уште и пред појавата на интернетот, биле познати како многу педантна нација, кога е во прашање зачувувањето на сѐ она што претставува сведоштво за минатото и традиција и имаат особена дарба во негувањето на културата на помнење.

Затоа и не чуди што, уште со самата појава на интернетот, во Велика Британија се идентификувала потребата од зачувување на она што ќе биде објавено на нивните портали, така што од тој момент постои и напор за зачувување на веб наследството на Велика Британија. Како резултат на таа потреба, уште од јануари 2005 година, милиони веб страници, што ги покривале сите аспекти од животот во Велика Британија, почнале да се архивираат во пробен проект предводен од Британската библиотека. Во двегодишниот проект биле архивирани околу 6.000 веб страници.

Veb nasledstvoto kako artefakt za idnite generaciiИзвор: arhiv.mk

Тогаш организаторите на проектот посочиле дека иако интернетот станал инструмент за информации по избор, малку се размислувало за зачувување на веб страниците. Според поддржувачите на проектот, постоела реална опасност во иднина да се изгубат вредни образовни, културни и научни ресурси достапни на мрежата. За да го спречат тоа, шест водечки институции во Велика Британија се здружиле за да работат на зачувување на британските веб страници. Проектот го користел системот наречен Пандора, развиен и тестиран во Австралија за архивирање на австралиски веб страници. Системот можел автоматски да ги обележува, собира и подготвува за архивирање веб страниците. Биле издвоени околу 750.000 фунти за обезбедување софтвер, хардвер и тековни технички трошоци, при што секој партнер сносел и дополнителни трошоци.

Во ноември 2011 година е основана Британската архива на весници (British Newspaper Archive) која се занимава со електронско скенирање, форматирање и архивирање на британските весници од 18. век до денес. Таа им овозможува на читателите да пребаруваат по датум, наслов и клучен збор и вклучува материјал претходно достапен само во Британската библиотека.

Од друга страна, радиодифузната корпорација Би-Би-Си и пред интернет ерата, се сметала за глобален сведок и архивар на историјата на човештвото во 20-от век, со зачувувани различни настани и личности од целиот свет. Денес, Би-Би-Си има богатство на архивска содржина, која е достапна за истражувачки и за продукциски цели. Неговите архивски фондови вклучуваат архиви на ТВ и радио програма, архиви на музика, вести и фотографии заедно со документарна програма. Оние што сакаат да ја користат архивата на Би-Би-Си без провизија, можат да ја побараат содржината преку BBC Motion Gallery.

Голем дел од архивата на Би-Би-Си програмата е достапна и во интернет-депозитарите, а пристапот до нив за истражувачки цели е бесплатен. Веб страницата за пребарување архиви е посебен портал за пристап до архивата на содржини на Би-Би-Си што им овозможува на корисниците да бараат содржини од различни онлајн библиотеки и каталози. Ова е извонреден ресурс за секој што е заинтересиран да дознае малку повеќе за некој минат општествен или природен феномен или начин за истражување на историјата низ очите на тогашните сведоци и новинари.

Одбрана на македонскиот интернет суверенитет

Имајќи го во предвид британското искуство и кај нас мора да почне да се размислува да се формира една национална дигитална медиумска архива, со голем капацитет на меморија, во која порталите би ги складирале своите продукции, но и на која би биле достапни конвертирани во електронска форма сите сочувани печатени, аудио и видео материјали објавени во Македонија пред појавата на интернетот (МРТВ – поранешна РТС, Нова Македонија и Вечер имаат посебна општествена одговорност и од национален интерес е тоа да го направат).

Од друга страна, сите радио и телевизиски станици во Македонија, законската обврска да ја чуваат емитуваната програма најмалку година дена (за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги) лесно можат да ја надоградат во трајна заштита на селектирани материјали за кои ќе се оцени дека би биле релевантни сведоштва во иднина и кои би се складирале во националната дигитална медиумска архива. Со тоа би се добило и централизирано складирање и пристап до она што е севкупна медиумска продукција, но и гаранција дека одредени медиумски продукти нема да бидат трајно избришани со гаснење на порталот или со негов редизајн.

Одржувањето на ваквата национална дигитална медиумска архива би можело да оди по неколку линии:

  • со буџетска дотација бидејќи станува збор за јавен интерес и општо добро,
  • со уплаќање на членарина на секој портал кој ќе ги зачувува своите медиумски продукти таму (на тоа би требал да биде законски обврзан уште на стартот од работата, кога од националната агенција МАРнет ќе го добие домеинот, да мора да стане и член на националната дигитална медиумска архива), и
  • преку корисничко плаќање претплата за пристап до националната дигитална медиумска архива (во Велика Британија пристапот до Британската архива на весници изнесува 13 фунти месечно или 80 фунти за едногодишен период).

Во преоден пеирод, може да се размислува и некој од постојните веб-агрегатори да направи софтвер кој автоматски ќе го конвертира во ПДФ формат секој текст кој ќе го реобјави. Ова дава гаранција доколку и дојде до згаснување на некој портал, дека неговите содржини посредно ќе бидат сочувани и достапни за читање.

Она што сега го имаме како пракса се расфрлени и несистематизирани телевизиски продукции по Јутјуб, и, во регионални рамки, група ентузијасти од Белград, кои го уредуваат сајтот Југопапир и објавуваат електронски обработени текстови од стари југословенски списанија. Поради јазичната бариера, многу ретко тие скенираат написи публикувани во македонскиот печат, но има многу статии на српско-хрватски јазик кои се однесуваат на настани кои во минатото се случиле во Македонија и кои претставуваат драгоцено сведоштво за животот во нашата земја. (Авторот на овој блог преку Југопапир го прочитал текстот објавен во 1963 година во белградска Дуга за скопскиот земјотрес и дознал подетално како загинале неговиот чичко, братучед, стрина и нејзината сестра во заедничката куќа позади Универзална сала).

И преку ова лично искуство се потврдува колку е од јавен интерес сѐ што било и ќе биде објавено како запис за животот во нашата земја да биде и дигитално зачувано за идните генерации. Во спротивно, ако националниот интернет суверенитет не се одбрани со трајно достапни наши материјали и сведошта, тогаш туѓа интернет агресија и доминација ќе го освои нашиот веб суверенитет, со што ќе се дозволи и туѓо толкувања за нашето време и настаните кои се случиле во нашата земја.