Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето го осудува хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза кој се појави во јавноста по емисијата “Моја Сторија” на МРТВ. Говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето го повредува нивното достоинство, креира застрашувачка и непријателска средина, оневозможува да живеат слободно и без предрасуди, а многу често директно може да придонесе кон зголемувањето на насилството и делата од омраза мотивирани од сексуалната ориентација или родовиот идентитет на жртвите.
Сметаме дека програми како оваа, кои отворено зборуваат за правата на ЛГБТИ луѓето, ги претставуваат нивните проблеми и барања, треба се почесто да се емитуваат на националните медиуми со цел подигнување на свеста и создавање емпатија и солидарност со оваа маргинализирана група. Медиумите и средствата за јавно информирање се клучна алатка преку која треба да се гради културата на прифаќање на различностите и ненасилството.
Говорот на омраза, вклучително и кон ЛГБТИ луѓето е забранет со Кривичниот законик, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, секој во својата област.
Апелираме надлежните институции да реагираат на говорот на омраза и да покренат соодветни постапки за санкционирање на сторителите, а медиумите и образованието да ги засилат активностите за превенција од дискриминација кон ЛГБТИ луѓето и да направат напори за позитивна промена во свеста и вредностите на сите чинители, соопштуваат од Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ .