Претставниците на политичките партии кои и денеска разговараа со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, и со американскиот амбасадор Џес Бејли за надминување на политичката криза во земјава, повторно излегоа со различни впечатоци околу напредокот на разговорите.
За СДСМ не станува збор за некои посебни поместувања.
– Не може да се преговара и да прифатиме во избирачкиот список да останат имиња кои ниту со теренски, ниту со вкрстени проверки не може да бидат верификувани. Ние сакаме список кој е соодветен на реалноста во земјата. Исто така, нема никакви сигнали дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од контролата на медиумите – рече Рената Дескоска, претставничка од СДСМ.
Таа додаде и дека не се знае дали до 15 јули ќе има договор, а нема никаква најава и за лидерска средба.
Претставникот од ДУИ, Артан Груби, остана на вчерашниот став дека има напредок и дека со конструктивност, многу бргу може да се организираат фер и демократски избори.
– Јас сè уште сум оптимист и сметам дека напредок има. Ако има конструктивност од македонската опозициска партија, многу бргу може да имаме фер и демократски избори – рече Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груби рече дека конкретниот напредок тој го гледа во тоа што од страна на ДУИ има конструктивни предлози.
Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека има поголем напредок и дека е поголем оптимист во споредба со вчера.
– Стравот на СДСМ од избори и од соочување со граѓаните е повеќе од очигледен – рече Тодоров.
Тој додаде дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се согласиле околу барањата на опозициската партија за избирачкиот список, а и во голем дел од предлозите за медиумите.
– Не се согласивме само околу казните за медиумите затоа што од СДСМ бараат поголеми казни, а ние – симболични, од едно евро – одговори Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање дали оптимизмот го црпи од новата еврообврзница и од задолжувањето, пари кои, наводно, ќе се користат за популистички мерки, Тодоров рече дека задолжувањето не е причина за оптимизмот туку дека ВМРО-ДПМНЕ сака со инвестиции и со проекти да го направи животот на граѓаните подобар.
Претставникот од ДПА, Имер Алиу, не даде изјава за медиумите.