По и пред бугарските избори: Повеќе реализам и внимателност

Сподели

 

Веќе е извесно дека мартовските парламентарни избори во Бугарија нема да донесат политичка влада. Во новиот фрагментиран парламент значајно ослабеа позициите на владејачката ГЕРБ на премиерот Борисов (иако сѐ уште прва) и опозициската Бугарската социјалистичка партија (БСП), која падна на трето место.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Новата анти-естаблишмент партија „Има таков народ“ изненадувачки го доби второто место, а во парламентот влезе и сличната по профил „Исправи се, мафијата надвор“. Покрај нив, во парламентот очекувано е и Демократската партија (на Турците), но и новата центристичка Демократска Бугарија како обединување на досегашните демократска, либерална и зелена партија.

Распоредот на пратеничките места е таков што не само што не овозможува формирање влада, туку покажува и силна политичка фрагментираност, а според некои аналитичари – и подолготрајна политичка нестабилност. Бугарските гласачи пратија порака дека сакаат промени, но не сигнализираа какви промени и со кого на чело.

Бугарскиот претседател Радев го најави последниот обид за формирање влада – со предавање на мандатот на третопласираната партија БСП, откако ГЕРБ и „Има таков народ“ не успеаја во тоа. Скоро никој не се надева дека третиот обид ќе биде успешен и најверојатно е дека мандатот повторно ќе биде вратен. Реалното очекување е дека претседателот Радев, во согласност со бугарскиот Устав, ќе назначи техничка влада, ќе го распушти параламентот и ќе закаже нови парламентарни избори – во рок од два месеци. Тоа би значело парламентарни избори во јули.

Политичката кампањата очигледно ќе продолжи, иако на преден план се очекува да се најдат внатрешно-политичките прашања. Во октомври – ноември во Бугарија претстојат претседателските избори, а сегашниот претседател Румен Радев, кој е прилично гласен во блокирањето на отворањето на преговорите за Северна Македонија, веќе ја најави својата кандидатура за уште еден претседателски мандат.

Со ваквиот развој на настаните, разнишана е тезата дека бугарските радикални ставови за македонското пристапување во ЕУ се главно резултат на изборната политичка кампања и ќе стивнат по изборите, што би водело кон одблокирање на македонскиот пристапен процес. Малку е веројатно дека на кус рок Бугарија ќе има политички кредибилна влада која ќе може и ќе сака да ја смени сегашната цврста бугарска позиција „не“ за почеток на преговорите со Северна Македонија. Сепак, останува внимателно да се следи во која мерка и со која жестина особено новите засилени актери на бугарската политичка сцена ќе бидат гласни за блокадата кон нивниот западен сосед, но и како ослабените позиции на етаблираните партии ќе влијаат во однос на ова прашање во односите со партнерските европски политички партии, односно партиите на државите членки.

Бугарската влада во заминување, пак, остави во аманет континуитет на бугарскиот став во ЕУ во однос на македонскиот пристапен процес – со ново априлско писмо до партнерските влади во ЕУ, со главно препишани тврдења од Меморандумот од септември 2020 година, обвинувајќи нѐ за непочитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Оттаму, не треба да нѐ зачудуваат внимателните изјави на македонскиот политички врв во поглед на можноста за постигнување пробив со Бугарија, а со тоа – и за почеток на преговорите. Од друга страна, видлива е континуирана дипломатска офанзива, со цел ЕУ да го држи прашањето на дневен ред, како и да се објаснуваат македонските ставови.

Извесно е дека ЕУ, по декемврискиот неуспех, а имајќи ги предвид и новите дестабилизирачки „нон-пејпери“, ќе биде внимателна, но и амбицирана да се ангажира во Западниот Балкан. Затоа е можен континуиран притисок за да се одмрзнат преговорите, и тоа најверојатно во пакет за Северна Македонија и за Албанија. ЕУ, а сигурно и САД внимателно ќе следат, но и ќе создаваат ситуации за отворање „прозорци“ и искористување на секој поволен момент. Колку Бугарија станува поизолирана во ЕУ по однос на ова прашање, толку нејзината позиција на долг рок ќе станува понеодржлива, без оглед на решеноста за користење на ветото, што сепак има своја цена. И повторно – треба да имаме на ум дека преговорите според новата методологија се исклучително тешки и има многу можности за вето, а ние сме сѐ уште на првиот чекор.

meta.mk