Бугарија: По неуспехот да се формира влада се подготвува нов состав на Изборната комисија

Сподели

 

Откако стана јасно дека Бугарија не може да добие нова влада, утре, по истекот на еден месец од парламентарните избори на 4 април, и третиот политички субјект на кој ќе му биде врачен мандат за влада, Бугарската социјалистичка партија (БСП), експресно ќе го врати мандатот, со што се исцрпуваат сите можности за разрешница и Бугарија ќе мора да организира нови парламентарни избори, пренесува мета.мк. Исто така утре ќе се одржат и консултации за новиот состав на Централната изборна комисија (ЦИК) меѓу партиите што влегоа во парламентот. Консултациите ги свика бугарскиот претседател Румен Радев.

Националниот совет на БСП во саботата донесе одлука веднаш да се врати мандатот за формирање влада, кој Радев треба да го врачи утре. Со тоа се исцрпуваат сите можности да се формира нормална влада, а земјата се движи до нови парламентарни избори, коишто би се одржале на 11 или на 18 јули, пишува mediapool.bg.

По состанокот во саботата, претседателката на БСП, Корнелија Нинова, рече дека во моментот е невозможно нејзината партија да формира стабилна влада и меѓу опциите да се влечка со коалициски преговори кои може да се изјаловат или да се врати мандатот на претседателот Радев и тој да го преземе управувањето со земјата со помош на техничка влада до следните избори, БСП се решила за второто.

Претходно доделените мандати за формирање влада ги вратија и ГЕРБ на досегашниот премиер Бојко Борисов и „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов.