Филипче: Комплетна реконструкција на онколошкиот оддел при УК за Детски болести

Сподели

 

Денеска министерот за здравство д-р. Венко Филипче, заедно со директорката на УК за Детски болести д-р Аспазија Софијанова потпишаа меморандум за обнова на онколошкиот оддел при УК за Детски болести со компанијата Макстил. Вкупно околу 125 илјади евра ќе се инвестираат во обнова на одделот кадешто се лекуваат децата со малигни заболувања со цел да се подобри престојот на дечињата и нивните родители.
 
-Компанијата Макстил од почетокот на пандемијата покажаа дека се компанија која е навистина општествено одговорна и денеска одбележавме континуитет во нашата соработка. Ова денеска е значаен проект којшто наскоро ќе почне да се реализира, за што сакам да изразам голема благодарност и во име на Министерството за здравство и во име на персоналот на УК за детски болести затоа што се реконструира единствениот онколошки оддел за деца во државата кадешто се лекуваат најтешко болните дечиња од малигни заболувања и сега овој оддел ќе биде спремен според највисоките европски стандарди. – изјави министерот Филипче.
 
Проектот е предвидено целосно да биде завршен до крајот на годината и ќе опфати обнова на сите соби за пациентите и за потребните интервенции. На одделението има 8 соби и секоја од нив опремена со купатила, ќе биде инсталиран нов довод на медицински гасови, но и ќе се спроведе систем на вентилација. Во планот е предвидена и изградба на две соби за изолација на пациентите, според сите светски медицински протоколи за лекувње на малигнитети.
 
-Со потпишување на овој меморандум ќе ги започнеме активностите потребни за започнување на реконструкцијата на одделот. Со оваа донација ќе им овозможиме на најмалите херои, на нашите дечиња кои се борат со најлошата болест, подобри и подостоинствени услови на престој додека трае нивното оздравување и за нивните родители кои се со тие дечиња и за целокупниот персонал кој несебично се грижи 24 часа во денот за нивното здравје и што побрзо нивно заздравување. – кажа генералниот директор на компанијата Макстил, Бановски.
 

Директорката на УК за Детски болести д-р Аспазија Софијанова, на денешното потпишување на меморандумот ја изрази својата благодарност до Министерството за здравство и Макстил и образложи дека УК за детски болести има примено многу донации од општествено одговорни компании, меѓутоа оваа донација значи многу, бидејќи она што ќе биде направено ќе значи обнова на еден регионален Центар за оние за кои болеста е толку неизвесна, а постоењето на едно вакво одделение ќе ја внесе во рамките на европско препознатлива клиника, заедно со европско препознатливи експертизи кои ќе работат во лекување на малигните болести кај децата.