Скопје со нов уреден зелен сквер кај “МЛИН БАЛКАН”

Сподели

 

Скопјани од денеска можат да се релаксираат и да се дружат на отворено на уште еден уреден зелен сквер, кај поликлиниката „Идадија“, во центарот на Градот. На локацијата кај „Млин Балкан“ целосно се преуредени површините на предниот и на задниот парк. Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата е уреден за максимално да се искористи како место за одмор, релаксација и контакти, а задниот парк е детско игралиште кое може да го користат сите деца над три години.

              

                                

-Овој проект го водевме според интересите на граѓаните и анкетите што ги спроведовме, какви простори тие сакаат во нивната микро средина со цел просторот да го прилагодиме на нивните потреби. Како што може да видите, она што беше сериозно руинирано место сега е едно пријатно катче кое очекувам граѓаните да го користат според нивните потреби зашто е направено на нивно барање – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на официјалното отворање на овој зелен сквер.

 

 

Станува збор за редизајн на постојна зелена површина од 585 квадратни метри околу Поликлиниката „Идадија“. Инвестицијата на Град Скопје за овој проект изнесува околу 2,6 милиони денари, а локацијата е избрана од страна на граѓаните во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година. Во процесот беа вклучени различни возрасни групи граѓани преку користење квалитативни и квантитативни методи. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив. Дополнително, се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст. Оваа новоуредена јавна површина е трета од вкупно 5 локации што се преуредуваат како дел од оваа иницијатива.

 

 

-Денеска ја најавуваме и големата реконструкција на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов што ќе следи, на потегот од раскрсницата со булеварот Климент Охридски до кружниот тек кај Католичката црква. Постапката е веќе започната и очекувам летово да почнеме со работа, според оние стандарди што веќе ги внесовме, со велосипедски патеки, со ново зеленило, обнова на тротоарите и обнова на коловозот, така што во текот на ова лето овој простор во срцето на нашиот град ќе добие сосема нов изглед – најави Шилегов.

Тој упати благодарност до граѓаните за нивното активно учество во процесот на осмислување на новиот зелен простор, а се заблагодари и на Општината Центар за добрата соработка.

 

 

На официјалното отворање на новиот зелен сквер кај поликлиниката „Идадија“ присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.