Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Сподели

 

 „Незапирливи“ е мотото на годинашното одбележување на 8 Мај –  Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и на Неделата на македонскиот Црвен крст.

 

 

– Слоганот на овој наш годинашен празник во голема мера се должи на напорите на нашето движење да одговориме на последиците од коронавирусот. Сè она што направија волонтерите и службата беше во функција да им се помогне на луѓето за подобро да се справат со пандемијата. Секој од нас игра важна улога во заедницата, таа да стане попријатно место за живеење и делување. Секое наше добро дело претставува чин за поттик на нашите граѓани да ни се приклучат во нашата мисија за да им помагаме на луѓето кои се нашле во незавидна положба. Сигурен сум дека, заедно, ќе продолжиме да бидеме незапирливи во нашите напори да изградиме похумано општество во кое достоинството и добросостојбата на граѓаните ќе биде најважно од сè, изјави претседателот на Црвениот крст на РСМ Ромел Велев. 

Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина се одбележува секоја година на овој датум во чест на Анри Динан, основоположникот на ова движење, кој е роден на 8 мај 1828 година.
 

Националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина низ светот на овој ден преку пригодни активности ја подигнуваат свеста за значењето на нивните основни принципи и вредности, организираат различни активности за привлекување нови членови и волонтери и за оддавање признание и благодарност на партнерите кои ги поддржуваат во хуманата мисија.