Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, во организација на Бундестагот на Сојузна Република Германија, која заради пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, се одржа во виртуелен формат. На конференцијата учествуваа 33 претседатели од националните парламенти на земјите членки на ЕУ, 3 претседатели од земјите кандидати за членство, од Европскиот парламент и 3 претседатели од европски земји кои не се членки на ЕУ како набљудувачи.
Конференцијата ја отвори Претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле, кој повика на заштита на претставничката демократија, на заштита против дискриминација и против говор на омраза на социјалните мрежи и, за таа цел побара регулирање на работата на големите интернет гиганти каде често се пласираат лажни вести и истите штетат на нашите општества. Како воведни говорници на Конференцијата, се обратија проф. д-р Жанет Хофман и д-р Франческа Бриа, експерти во областа. Во рамки на дебатата, претседателите на парламенти дискутираа за придобивките и предизвиците од дигитализацијата и користењето на вештачката интелигенција и потребата од соодветна регулација на новите модели за комуникација на национални и на европско ниво.
Општ заклучок беше дека дигиталните алатки се корисни за поголема вклученост на граѓаните во процесот на одлучување и за поголема демократизација на општеството, но истите треба внимателно да се користат и да се осигури дека секој граѓанин има пристап до интернет и до користењето на овие алатки. Од друга страна, беа нотирани опасностите од користењето на социјалните мрежи и нивната недоволна регулираност како останатите медиуми, што само по себе отвора можност за пласирање на лажни вести кои често се користат за нарушување на демократските процеси и изборните резултати.
Учесниците беа согласни дека за целосно прифаќање на дигитализацијата потребни се значителни инвестиции во инфраструктурата за нејзино користење и инвестирање во образованието на граѓаните како да ги користат изворите од кои добиваат информации и како да препознаваат лажни вести.