Донација на НЛБ Банка и Општина Битола за „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ 

Сподели

 

Денеска во ООУ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше врачена донација составена од асистивна технологија и дидактички материјали во вредност од речиси 2,400 евра. Донацијата беше обезбедена со помош на НЛБ Банка АД Скопје и Општина Битола како поддршка на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. 

На настанот присуствуваа градоначалничката на Битола – Наташа Петровска, претставничката на проектот „Биди ИН“ – Елена Мишиќ, како и Жанета Трифуновска – раководител на експозитури Битола.

 

 

Претставничката на проектот „Биди ИН“ – Елена Мишиќ на настанот се заблагодари на сите кои учествуваа во комплетирањето на донацијата за ООУ „Св. Климент Охридски“. „Благодарност до НЛБ Банка АД Скопје за поддршката на оваа иницијатива, како пример за општествена одговорност која е неопходна за градење на инклузивно општество, отворено и пристапно кое ги прифаќа сите граѓани, а особено лицата со попреченост“, истакна Мишиќ. Таа се заблагодари и до Општина Битола за големата поддршка и посветеноста во процесот на развивање на квалитетно и инклузивно образование.

Според Мишиќ, оваа донација ќе послужи за поквалитетна едукација на учениците со попреченост за развој на нивната фина моторика и полесно совладување на наставните цели. „Асистивната технологија и дидактичките материјали ќе бидат од полза за сите ученици, што ќе придонесе и за нивно дополнително зближување. Тоа е суштината на инклузивниот пристап“, рече таа.

 

 

Проектот „Биди ИН, биди Инклузивен, биди ИНклудиран“ ќе продолжи да го поддржува процесот за градење на инклузивни училишта преку доделување на стипендии за 450 ученици, подобрување на квалитетот на наставата и учењето, подигнување и развој на јавната свест, подобрување на пристапноста на училиштата и поддршка на семејствата на децата со попреченост.