Муслиманските верници го слават Рамазан Бајрам

Сподели

 

Муслиманите во земјава, како и во целиот свет, денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот. Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

 

 

По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

„Објавата на Светиот Куран во овој месец, како и постот на неговите денови заради семоќниот Алах ја зајакнува напшата свесност за Бога, моралот, трпеливоста, жртвеноста, мирот, толеранцијата и хуманизмот. Овој Рамазан исто така пак не наоѓа во вонредна состојба поради пандемијата ковид-19, така што нашето високо ниво на грижа и прецизна дисциплина во почитувањето на мерките со цел да се заштитиме од оваа болест, ќе бидат нашата вредност на овој месец, со што ќе дадеме придонес за надминување на оваа состојба. Затоа, нека овој месец биде жива инспирација за подигнување на нашата свест за излегување од оваа тешка здравствена состојба“ се вели во пораката.