Во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје денеска пристигна донацијата од 100.000 вакцини од „Синофарм“ од Кина, на која присуствуваа министрите за здравство и за одбрана, Венко Филипче и Радмила Шекеринска, како и кинескиот амбасадор Џанг Ѕу.
„Ова е значајна количина вакцини која за бројот на население како нашето значително може да ја смени епидемиолошката слика. Со донацијата се потврдува партнерството меѓу двете земји. Се надевам дека соработката ќе продолжи“, рече Филипче.
Според него, имунизацијата ќе продолжи по приоритет, согласно возраста на граѓаните. Шекеринска рече дека помошта доаѓа во вистинско време.
„Ова е вистинска помош во вистинско време и ќе ни даде шанса да продолжине со вакцинацијата на припадниците на Армијата, но вакцини ќе бидат отстапени и за јавното здравство, како и за граѓаните“, напомена Шекеринска.
Кинескиот амбасадор Џанг Ѕу рече дека ова е уште една конкретна акција за помош на македонските граѓани и демонстрирање на духот на пријателство.
Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државава. На крајот на минатиот месец во Северна Македонија пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“.