Во Центарот за белодробни заболувања во Отешево ќе се рехабилитираат пост ковид пацинети

преспа.инфо
Сподели

 

ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања Отешево, со поддршка од Министерството за здравство, подготви дел наменет за пациенти за пост ковид рехабилитација. Оваа болница е единствена од ваков вид во државата за пулмонална и физикална рехабилитација која постои и работи 40 години. Оваа болница е “воздушна бања” односно е сместена помеѓу двата национални паркови Галичица и Пелистер, покрај Преспанското Езеро.
 
Голем дел од пациентите кои имале ковид се соочуваат со потешкотии во дишењето и движењето и истите полесно би се надминале со стручна помош односно со респираторни и физикални вежби. Резултатите од оваа рехабилитација имаат голем бенефит по здравјето на овие болни и оваа рехабилитација претставува важен сегмент во здравствениот систем. Процесот на рехабилитација во оваа Институција се спроведува согласно најновите протоколи и програми за пост ковид рехабилитација. Тимот е составен од специјалист по физикална медицина, специјалист по интерна медицина, субспецијалист пулмолог и физиотерапевти. Секој пациент добива индивидуален пристап во зависност од неговата состојба. Рехабилитацијата трае различно во зависност од здравствената состојба на пациентот, со цел да се подобри респираторната функција, да се воспостави побрза вертикализација и враќање во нормалниот живот.
 
Најчестите симптоми на кои се жалат пост ковид пациентите се отежнатото дишење, мускулната слабост, малаксаност, болки во коските и мускулите, а со тоа и нарушен квалитет на живот. Овие пациенти имаат потреба од функционални физички и респираторни вежби. Тимот за физикална рехабилитација преку примена на соодветни мерења и тестирања врши проценка на пулмоналниот и физичкиот статус на болниот, мерење на срцева фреквенција, мерење на гасни анализи пред и после физичката активност. Според овие резултати тимот составува соодветен програм со кој го води пациентот низ процесот на рехабилитација.
 
Како водечки сегмент е респираторната рехабилитација со вклучување на вежби за дишење, вежби во природа и прошетки покрај езеро во придружба на физиотерапевт, специфични вежби, апарати за физикална терапија за зајакнување на мускулна маса на болниот. Целта е да се намалат респираторните потешкотии, да се ублажат симптомите,да се контролира анксиозноста, да се намалат компликациите и на крај да се подобри квалитетот на животот.