Водовод со најнова опрема ќе го испитува квалитетот на пакуваните минерални води

Сподели
 
За првпат во нашата земја квалитетот на пакуваните минерални води ќе се испитува со најсовремена опрема во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје.
 
Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје во рамките на ИСО 17025 на почетокот на месец мај 2021 со последната надзорна посета на Институтот за Акредитација на РСМ направи проширување во методите за тестирање. Со тоа се зголеми бројот на акредитирани методи во делот на хемиските лаборатории во рамките на методата јонска хроматографија, анализа на земноалкални и алкални метали, алкалитет и дел од тешките метали со што се овозможува подетално утврдување на квалитетот на испитуваните примероци.
 
Проширувањето на методите во рамки на ИСО 17025, потврдено од ИАРСМ, создаде можности и услови покрај водоводите во земјата, контролата на своите производи да ја вршат и сите производители на пакувани минерални води во акредитираните лаборатории кои се дел од Секторот за санитарна контрола.
 
„Досега, со цел да одговорат на барањата на Агенција за храна и ветеринарство, согласно Закон, производителите на пакувани води анализите ги правеа во лаборатории акредитирани во соседните земји (Србија и Грција). Отсега, со проширувањето на методите за тестирање, за прв пат во нашата земја сите водоводи и производители на пакувани и минерални води ќе го испитуваат квалитетот на своите производи во акредитираните лаборатории на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Испитувањата ќе се изведуваат со најсовремена опрема, преку склучување на годишни договори за соработка“, посочи Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола.