ИНТЕРВЈУ: Семир Османагиќ – истражувач на мегалитни и пирамидални локации

Semir Osmanagic
Сподели

 

Семир Османагиќ е истражувач на мегалитни и пирамидални локации ширум светот. Автор е на 18 книги за древните цивилизации и пирамиди кои се преведени на 17 јазици. Член е на руската Академија за природни науки од Москва и на Александриското друштво на археолози од Египет. Докторирал на тезата за цивилизации и пирамиди кај Маите во Централна Америка. Тој е пронаоѓач на босанските пирамиди и праисториски тунели во Високо, Босна и Херцеговина. Директор е на Фондацијата “Археолошки парк: Босанската пирамида на сонцето”, која раководи со најактивната археолошка локација на светот. Двапати (2007 и 2020 година) е прогласуван за личност на годината во БиХ.
Др. Семир Османагиќ со својот тим претстојува во Македонија, каде врши истражувања и енергетски мерења на најзначајните македонски праисториски мегалитни локации.

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Ова не е Ваша прва посета во Македонија. Што Ве влече повторно да дојдете тука и што истражувате сега?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ:  Ова е моја трета истражувачка и промотивна мисија и посета на Македонија. Порано имав предавања и промоции на книги во Скопје, Велес, Штип и Охрид. Сега со мојот тим извршив аериални снимања, истражувања и мерења на енергетските појави во мегалитната опсерваторија Кокино (Старо Нагоричане) и Цоцев камен (Кратово), Ѓаволскиот ѕид (Свети Николе), геоглифот Канда (Овче Поле), археолошки локалитет Била Зора (Свети Николе), возвишението Островица и геолошките локации на Куклица (Кратово) и камената топки (село Кокино).

ДЕНЕС МАГАЗИН:  Што најмногу Ви се допаѓа во Македонија?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ: Македонија е една од најубавите земји што ја посетувам, питома, плодна, со сите нијанси на природна зелена боја, вкусна и миризлива храна, љубезни домаќини.

 

 

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН:  Од локалитетите кои сега ги посетивте, кој Ви остави најголем впечаток и зошто?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ: Кокино и Цоцев камен се посебни места. Тие се доказ дека древните предци на македонското тло ја знаеле астрономијата, календарот и математиката. Живееле во хармонија со природата. Тие ги следеле циклусите на сонцето, од изгрејсонце и раѓање на нов живот, до завршување на циклусот, зајдисонце на запад и стекнувале мудрост и трпеливост. Тие постигнале рамнотежа на физичкото и духовното. Има многу информации напишани во каменот, само треба да знаете како да ги прочитате.

 

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН:  На кои проекти работите сега?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ: Фокусиран сум на проектот за истражување на босанските пирамиди и праисториските подземни тунели во Високо (БиХ). Тоа стана најактивно археолошко наоѓалиште во светот, во последните 16 години, каде работат стотици волонтери од целиот свет, наши работници и голем број независни истражувачи. Покрај археолошкиот аспект, овој проект има и мултидисциплинарен научен, енергетски, духовен и лековит аспект. На чело сум на невладината фондација „Археолошки парк: Босанска пирамида на сонцето“, со педесетина вработени, која во целост се самофинансира. Покрај работата во Високо, истражувам бројни мегалитни и пирамидални места на сите континенти и автор сум на 18 книги за древни цивилизации, преведени на 17 јазици.

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Дали може да очекуваме нова книга?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ:  Наместо да пишувам нови книги во последнава година, бев многу активен со снимање документарни филмови од регионот и светот. Тука е мојот фокус, бидејќи луѓето читаат помалку, а гледаат повеќе.

ДЕНЕС МАГАЗИН:  Кога сме веќе кај документарните филмови, кажете ни кога и каде ќе можеме да ги погледнеме документарните филови кои сега ги снимивте во Македонија?

 

 

СЕМИР ОСМАНАГИЌ:  По оваа посета на Македонија, ќе работиме на монтирање на шест документарни филмови, кои ќе бидат готови ова лето за гледање. Прво тие ќе се емитуваат на нашиот официјален канал на youtube ‘BosnianPyramidsTV’, потоа на неколку телевизии во БиХ, а ќе ги понудиме и на разни македонски ТВ-куќи и во Србија и Хрватска. Значи, нашите јазици. Зборуваме слични или исти јазици, делиме традиција и обичаи, клима и поднебје, се смееме на истите работи и тагуваме за истите работи.

ДЕНЕС МАГАЗИН:  Кои се Вашите идни планови и проекти?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ:  Плановите за во иднина се амбициозни и покрај невеселата ситуација во светот. Купивме многу парцели на Босанската пирамида на сонцето, во близина на влезот во комплексот Равне, каде пронајдовме вкупно пет влезови во подземните тунели. Археолошките работи ќе траат во следните 100 години. Но, со изградба на прекрасниот археолошко-туристички парк, станавме културна оаза со бројни концерти, предавања, промоции на книги, танци, сесии за јога и медитација, едукација за најмладите, нов пристап кон нутриционизмот. На кратко, здрав начин на живот и враќање на природниот човек.

ДЕНЕС МАГАЗИН:  Која е Вашата следна дестинација?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ:  Моите патувања од март 2020 година, до денес, се ограничени на земјите во кои може да патувам нормално: БиХ, Србија, Македонија, Црна Гора и Албанија. Детално ги опфатив првите три земји, сега следат Црна Гора и Албанија и нивните праисториски мегалитски споменици.

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН:  Која е Вашата порака за Македонците?

СЕМИР ОСМАНАГИЌ:  Имам две пораки за Македонците: прво, да бидат горди на своето минато, одлични праисториски места кои треба да ги истражуваат, чувуваат и промовираат низ целиот свет. Второто е, да ме посетите во Босанската долина на пирамидите, каде што срдечно ќе ги пречекаме и ќе доживеат незаборавно искуство.

denesmagazin.mk