Крај на илузиите на Израел – Шломо Бен-Ами

Сподели

 

Главниот преовладувачки консензус меѓу Израелците, според кој палестинскиот национализам е поразен (и со тоа ставот дека повеќе не е потребно политичко решение за конфликтот), сега е срушен. Дури и во ситуација која забележуваме ескалација на насилството, на двете страни им стана јасно дека времето на славни војни и победи е завршено.

Шломо Бен-Ами

Ненадејната ескалација на воениот судир во и надвор од границите на Израел беше нешто што ја шокираше нација која дотогаш живееше со степен на задоволство. Во периодот од 12 години додека е Бенјамин Нетанхају на власт, палестинскиот проблем беше ставен под тепих и заборавен. Неодамнешните Абрахамски договори, кој воспостави дипломатски односи со четири арапски држави, се чинеше дека уште повеќе ја ослабува палестинската кауза. Сега, тоа повторно се појави, но овој пат со одмазда.

Војните можат да бидат предизвикани од изолиран инцидент, но нивната причина е секогаш подлабока. Во овој случај, активирањето (а тоа е иселувањето на Палестинците во корист на израелските националисти во населбата Шеик Џара во источен Ерусалим), ги „допре“ сите чувствителни нерви на израелско-палестинскиот конфликт. Израелската окупација на Источен Ерусалим, нивната понижувачка контрола на пристапот до џамијата „Ал-Акса“, постојано присутното сеќавање на Накба од 1948 година (тоа е периодот на основањето на Државата Израел, кога беа раселени 700.000 Палестинци) и поплаките на арапското малцинство во Израел – се нешта кои го поттикнуваат разгорувањето на актуелните настани.

Можеби е вистина дека оспорениот недвижен имот во населбата Шеик Џара му припаѓал на еврејско семејство во периодот пред 1948 година, но Палестинците го видоа инцидентот како дел од немилосрдните обиди на Израел за „јудаизација“ на Ерусалим, и како огромна неправда, затоа што израелската држава беше делумно изградена на темелите на напуштените имоти на палестинските бегалци. Иако Евреите имаат право да бараат имот што го поседувале пред основањето на Државата Израел, Палестинците немаат таква можност. Оние кои се соочуваат со иселување од населбата Шеик Џара не можат да си ги вратат домовите во Џафа и Хаифа кои некогаш ги поседувале.

Како резултат на тоа, најновата ескалација на насилствата го следи образецот на сите други меѓуетнички војни. Муслиманите кои го запазуваат Рамазан извикуваа националистички пароли и се судрија со израелските десничарски групи кои извикуваа „Смрт за Арапите“. Израелците со гордост маршираа со своето национално знаме на Денот на Ерусалим, обележувајќи го заземањето на источен Ерусалим и на Ридот на Храмовите од страна на Израел во 1967 година, инаку место на Вториот Храм од Библијата, и на Ал-Акса, завршена во 705 година. Во самата Ал-Акса и во нејзината околина имаше жестоки судири, при што верниците кои беа внатре фрлаа камења кон израелската полиција, која реагираше со пукање на гумени куршуми и други проектили, притоа ранувајќи стотици лица.

Младите Арапи кои протестираа сепак можеа да прогласат победа, затоа што изнудија одложување на одлуката на Врховниот суд на Израел во врска со иселувањата од населбата Шеик Јара. Тие, исто така, ја принудија полицијата да ја смени трасата на маршот по повод Денот на Ерусалим, и таа да биде подалеку од муслиманското маало во Стариот град. Судирите се прелеаја и во Израел пред 1967 година, каде исламистичките групи ги поттикнуваа младите Арапи во Израел. Градовите со мешано еврејско и арапско население за кои се сметаше дека се примери на соживот, како што се Акре, Рамала, Јафа и Лод, еруптираа во буквална оргија на насилство и вандализам. Лод практично беше преземен од банди составени од млади Арапи. Ова е погром, рече еден од еврејските доселеници. Една постара Еврејка зборуваше за сеќавањетo на Кристалната ноќ а истата споредба ја направи и градоначалникот на Лод.

Како суштина на конфликтот тука се појави Ерусалим. Тој му даде златна можност на Хамас да ја потврди својата надмоќ над соработниците на Израел кај палестинските власти во Западниот брег и да го избрише згаснатото раководство на претседателот на ПА, Махмуд Абас. Под притисок од Израел, Абас ги откажа изборите за парламентот, од страв дека Хамас, кој владее со Газа од 2006 година, би можел да победи и да ја прошири својата контрола врз Западниот Брег.

Абас ја дефинираше својата одлука како протест против одбивањето на Израел да им дозволи на Палестинците во Источен Ерусалим да учествуваат на изборите. Но, вистината е дека присуството на ПА во Источен Ерусалим практично повеќе не постои, па овој вакуум го зазема претежно секуларна млада генерација на Палестинци која го претвори Ридот на Храмовите (кој муслиманите го нарекуваат Харам Ал-Шариф) во симбол на својот отпор кон израелската окупација. Со сегашната ескалација на насилствата, Хамас ги поврза сите точки кои се потребни за да го приматот во палестинското национално движење. Тој се позиционираше како заштитник на Ерусалим и на Ал-Акса, како врв на националната и верска борба на Палестинците против израелско-еврејскиот окупатор, и исто така како глас на арапското малцинство во Израел.

Израелците и нивната самозадоволна влада беа запрепастени. Хамас изврши дотогаш невиден масовен ракетен напад врз градови во Израел. Тие дури лансираа и салви во Ерусалим и Тел Авив, поради кои половина од населението во државата мораше да се сокрива во засолништата. Израелците останаа да се прашуваат како нивниот ранлив домашен фронт би можел да издржи војна со Хезболах, кои се милиција поддржана од Иран а се наоѓа преку границата во јужен Либан. Хезболах има арсенал од 150.000 ракети кои се повеќекратно посмртоносни од оние на Хамас.

За да ја оствари својата намера, Хамас беше подготвен да плати висока цена. Казнените воздушни напади врз Газа од страна на Израел беа разорувачки и ги таргетираа воените команданти на Хамас со брутална ефикасност. Но, Хамас знае дека во асиметричните војни во ова време, милицијата која е скриена меѓу цивилно население кое брои две милиони лица и тоа во една од најгусто населените области во светот, е практично имуна на пораз. Хамас исто така знаеше дека одекот на војната низ целиот регион ќе ги принуди соседите, како што се Египет и патронот на Хамас, Катар, да посредуваат за прекин на огнот.

Од рушевините на Газа, потоа, Хамас ќе прогласи победа, која не мора да биде победа на бојното поле туку во умовите на својот народ. Во тој момент, Хамас ќе ги постигне своите главни цели: целосно дискредитиран ПА и зголемен углед како врвен заштитник на светилиштата на исламот во Ерусалим.

Парадоксално е тоа што Нетанјаху нема интерес да го уништи Хамас. Сосема спротивно: тој има премолчен договор со Хамас против ПА на Абас, во однос на кој неговите влади постојано правеа сè што можеа за да го ослабат и понижат. Исламска држава на Хамас во Газа му овозможува на Нетанјаху идеален изговор за отфрлање на мировните преговори и на решението за две држави. Нетанјаху дури и му дозволи на Катар да ја одржува Газа во функција така што ги плаќа платите на функционерите на Хамас.

Дефинитивно е јасно дека Израел не може да тврди дека победил. Кревкиот соживот меѓу Евреите и Арапите во неговите граници сега е разнишан. Главниот преовладувачки консензус меѓу Израелците, според кој палестинскиот национализам е поразен (и со тоа ставот дека политичко решение за конфликтот повеќе не е потребно), сега е срушен. Дури и при ескалацијата на насилството, на двете страни им стана јасно дека времето на славни војни и победи е завршено.

*Шломо Бен-Ами е поранешен израелски министер за надворешни работи. Тој е потпретседател на меѓународниот центар за мир во Толедо. Автор е на книгата Лузни од војната, рани на мирот: Израелско-арапска трагедија.

respublica.edu.mk