Средба на претседателот Пендаровски со бугарскиот претседател Румен Радев

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска на Меѓународниот аеродром Скопје го пречека претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што двајцата претседатели остварија куса тет-а-тет средба.

 

 

На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете држави. Двајцата претседатели изразија цврста определба за зајакнување на добрососедските односи и унапредување на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија.

 

 

Претседателот Пендаровски истакна дека формалниот почеток на пристапните преговори за членство на нашата држава во Европската Унија и одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија позитивно ќе влијае за стабилноста и просперитетот на целиот регион и изрази очекување за поддршка од Република Бугарија, во пресрет на одржувањето на јунскиот Совет на ЕУ.

 

 

 

Заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј во Рим на македонска и бугарска делегација, предводени од шефовите на државите, претседателите Пендаровски и Радев го оценија како позитивен чекор кој придонесува за јакнење на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа.

Двајцата претседатели на Меѓународниот аеродром Скопје дадоа изјави за медиумите.

По средбата одржана на Меѓународниот аеродром Скопје, двајцата претседатели со државниот авион на Република Бугарија отпатуваа за Рим, Италијанска Република каде што заеднички ќе оддадат почит на делото на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.