Четвртиот фестивал на поезијата за деца „СТИХУВАЛКИ 2021“, оваа година се реализира како литературна манифестација која што има првенствена цел да придонесе за книжевниот и културниот развој кај нас, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите кои пишуваат поезија за деца.
По распишаниот конкурс со свои творби аплицираа 132 македонски автори – (афирмирани и неафирмирани) како и автори од соседните држави. Од нив жири – комисијата избра 84 автори со поетски творби, коишто се објавија во заедничка збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“. На тој начин се открија нови имиња кои творат за децата и еден нов неоткриен квалитет.
Песните беа континурано објавувани и на фејсбук страницата „СТИХУВАЛКИ“, со што публиката имаше можност да гласа за своите фаворити. Гласовите на публиката влијаат, но не се одлучувачки при изборот за награди од страна на жири – комисијата.
Завршната манифестација на ЧЕТВРТИОТ фестивал на поезија за деца „СТИХУВАЛКИ 2021“, ќе се одржи на 4 јуни 2021 година (петок), со почеток во 18.00 часот на ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, на отворено со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, при одржување на јавни настани.
На свеченоста ќе биде промовирана ЗБИРКАТА со поетски творби „СТИХУВАЛКИ 2021“ и ќе им бидат поделени признанија на сите 84 застапени автори во ЗБИРКАТА ,за нивното учество и афирмација на фестивалот.
На свеченоста ќе се соопштат традиционалните награди на трите најдобри поетски творби за деца од тројца автори, на кои ќе им се поделат плакети и други подароци и тоа: ПРВА НАГРАДА која се состои од ЗЛАТНА ПЛАКЕТА, збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“, комплет од 6 книги за деца; ВТОРА НАГРАДА – СРЕБРЕНА ПЛАКЕТА, збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“ и комплет од 4 книги за деца; ТРЕТА награда – БРОНЗЕНА ПЛАКЕТА, збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“ и две книги за деца.
Како и минатата и оваа година ќе се додели и специјална награда за млад автор на песна, една специјална награда за најдобра песна на странски автор и една специјална награда за најголем број гласови од публиката.
Сите наградени автори ќе добијат подароци од мироносната градина на сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин, кој своите цвеќиња ги шири низ сиот свет за поубав и посреќен живот на децата. Наградените автори ќе добијат и други подароци од организаторот.
Проектот оваа година за прв пат не беше поддржан од Министерството за култура во категоријата литературни манифестации и проекти 2021 и истиот се реализира со самофинансирање на организаторот.
Носител и организатор на проектот е издавачката куќа ЕДУКА МАК-Скопје. Автор на проектот и програмски уредник е: м-р Ели Маказлиева. На свеченоста ќе се обратат: проф. д-р Кристина Николовска претседател на жири – комисијата како и другите двајца членови : Владо Димовски-писател за деца и Лила Арсова. Водител – модератор: Александра Велинова. Свеченоста ќе биде збогатена со музичка точка на виолинскиот ансамбл од музичкото училиште „ПИЈАНОФОРТЕ“ – Скопје.