Тоевски: Банките “пливаат” во пари, граѓаните се “дават” во камати и провизии

Сподели

 

Банкарскиот систем во Македонија се состои од 14 деловни банки и 3 штедилници.Се уште актуелната пандемија не влијае премногу негативно врз резултатите од нивното работење. Граѓаните – клиенти остро реагираат во врска со каматите, провизиите и другите надоместоци, кои ги наплатуваат деловните банки.

   Свето Тоевски

Интернет – порталот „Банкарство“ во анализата „ Дали почетните добивки им гарантираат на банките уште една успешна година?“ од 10.5.2021 година објави констатација дека „во првото тримесечје од 2021 година банките остварија повеќе од солидни финансиски резултати“. Според порталот, „банките се држат одлично со добивката, приходите од камати бележат…драстично намалување, а дел од намалените приходи се компензираат со зголемени приходи од провизии и други надоместоци“. Најголема добивка во првите три месеци годинава – 8,3 милиони евра – пријавила Стопанска банка Скопје. Следат НЛБ банка со 8,1 милиони евра и Комерцијална банка со 5,9 милиони евра.

„Банките во Македонија се одлично капитализирани“

Во претходната анализа „Македонските банки со најуспешни резултати во целиот регион“, објавена на 17.4.2021 година на истиот портал, се истакнува дека во 2020 година 14-те банки остварија вкупна добивка од околу 118 милиони евра, што е за 9,2 милиони евра повеќе отколку во 2019 година. Во анализата се констатира дека „македонските банки се одлично капитализирани и финансиски успешни.“

Од изнесените податоци јасно може да се согледа дека банките во Македонија остануваат релативно отпорни на ударите, кои ги нанесуваат пандемијата и големата економска криза, без оглед што им опаѓаат главните приходи од каматите. Тоа што нема да можат заработат од камати, банките надоместуваат од зголемување на провизиите и другите надоместоци. Наспроти „одличната капитализираност на македонските банки“, што поедноставно значи дека тие „пливаат во пари“, стои големото и растечко осиромашување на стотици илјади граѓани во Македонија, по разни основи, од губење на работните места, намалени плати и редица други причини.

Анализирајќи колку пандемијата на ковид-19 ќе ја зголеми сиромаштијата во Македонија, во својот „Бриф за политиките 43“ од 20.10.2020 година „Фајненс тинк“, нагласува дека „ковид-19 има моќ да втурне дополнителни 25 илјади лица во релативна сиромаштија, додека ефектот врз апсолутната сиромаштија (живеење со 5.5 американски долари на ден) е поголем и е проценет на дополнителни 100 илјади лица втурнати под овој праг“. Дојче Веле на 30.10.2020 година ги пренесе информациите на Државниот завод за статистика дека речиси една четвртина од жителите на Македонија тонат во сиромаштија, односно, оти 455.600 лица во земјата живеат во тешки услови, што е 21,9% од вкупното население. Медиумот ги пренесе и прогнозите на Светска банка од мај лани дека ќе се зголеми и бројот на сиромашни вработени за два до три пати. Сите овие граѓани што забрзано осиромашуваат можат да бидат потенцијални баратели на банкарски кредити, ако бидат среќни да ги исполнат бараните услови, или тие можат да посегнат дури и по „брзите“ кредити со астрономски високи камати.

Граѓаните остро реагираат поради провизиите и каматите

Во ваква крајно влошена социоекономска ситуација, граѓаните кога ќе се најдат во улога на корисници на услугите на банките пројавуваат голем револт поради висината на каматите, провизиите и многуте други надоместоци, прашувајќи: зошто сето тоа мора да го плаќаат, која е оправданоста за тоа?

Невладината организација „Ануитет“, основана како здружение за заштита на банкарските клиенти, на пример, на својата фејсбук – страница на 9.11.2020 година побара од граѓаните, како банкарски клиенти, да одговорат на прашањето дали банките вршат „дополнителен грабеж“ на обичниот граѓанин преку наплата на високи провизии по разни основи. Одговорите на тоа прашање и другите реакции на граѓаните покажаа какво е мислењето кај дел од јавноста за банките во целина: „Зошто трошоци за обработка на кредитите кога ја имаат високата камата? Сите провизии и трошоци се чиста пљачка. Провизијата за водење трансакциска сметка е најголема пљачка.“; „Во една штедилница за кредит од 5 илјади евра 250 евра провизија за обработка на кредитот! Лихвари, срамота!“ „Сите банки се ограбувачи на народот. Вршат грабеж легализиран од државата.“ „Сите банки се странски. Зарем очекувате тие да се грижат за македонската раја?!“ „Дали има соодветна институција, која ги штити правата на граѓаните наспроти грабежот на банките и финансиските друштва? Кој и зошто го дозволува ова? Зошто нема санкции за овој незаконски грабеж?“

Во меѓувреме, бидејќи се помалку има граѓани кои можат да си дозволат да земат кредит од банка, а тоа се однесува и на стопанските претпријатија, банките со зголемена агресивност нудат кредити, но и намалувања, или целосно ослободување од „трошоците за обработка“. Низ медиумите можат да се видат и вакви понуди: „При апликација за кредит до 31.7.2021: 100% ослободување од административни трошоци, 100% ослободување од трошоци за процена, 100% ослободување од нотарски трошоци!“ „Аплицирајте до 31.5.2021 година без трошоци за одобрување! Без трошоци за обезбедување. Без трошоци за предвремена отплата.“ „Аплицирајте за ненаменски денарски кредит: трошок за аплицирање 700 денари. Провизија за одобрен кредит 2,5%.“

 

 

Се актуелизира прашањето: дали постојат можности за ограничување на профитите на банките на сметка на граѓаните и стопанството, така што би се извршило порадикално намалување на многубројните видови провизии, на разни други давачки за одобрување кредити, за одржување трансакциски сметки, па дури и плаќања за најобична проверка на состојба на сметка на банкомат? Исто така, што можат да преземат граѓаните заради сопствена заштита?

Во една анализа од 2017 година ставот на Павле Гацов од Здружението за даночни советници има укажано дека прашањето на банкарските провизии не е уредено со закон. Според Гацов, висината на износите за провизии и надоместоци е оставена на интерните политики на банките и на нивните тарифници и оттука оти е неопходно е да се направи дорегулација во Законот за заштита на потрошувачите. Овој финансиски експерт се заложува законското решение да го предложи Владата, а конкуренцијата меѓу банките да наметне намалување на сумите за провизија, како прашање во полза на потрошувачите.

„Правна рамка“ и „Кредитен калкулатор“ заради заштита на кредитобарателите

До Организацијата за заштита на потрошувачите постојано пристигнуваат многубројни жалби од граѓаните поради високите износи на провизиите, кои се различни во сите банки, како и поради нивоата на каматите и таканаречените „скриени трошоци“ при одобрувањето на банкарските кредити. Граѓаните кои се соочуваат со разновидни финансиски тешкотии честопати бараат и добиваат кредити, иако претходно не се запознале со условите за одобрување и плаќање на банкарските кредити. Затоа, од неодамна на интернет – страницата на Организацијата на потрошувачите на Македонија „www.opm.org.mk“ се објавени „Кредитни калкулатори“. Во едно интервју, претседателката на оваа организација, д-р Маријана Лончар – Велкова појаснува дека „овие онлајн кредитни калкулатори ќе им помогнат на потрошувачите да донесат информиран избор при земање кредит, предвремено отплаќање кредит, или при одлучување дали да го искористат дозволеното пречекорување на трансакциска сметка, или на картичка.“

Таа истакнува дека се дава поука на потрошувачите пред да се одлучат да земат кредит да направат сопствена пресметка: да ја утврдат месечната рата која можат да си ја дозволат врз основа на месечните приходи и трошоци. Граѓаните се поучуваат да размислат за времето на отплата на кредитот. Калкулаторот нуди опција потрошувачот да го пресмета и износот на постојниот кредит, првобитниот број рати, односно месеци во кои требало да се врати кредитот, преостанатиот број рати кои не се отплатени, постојната каматна стапка, како и новата каматна стапка, ако сака да го рефинансира кредитот, односно да го префрли во друга банка.

Лончар – Велкова, д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска и д-р Александар Петковски изработија и „Правна рамка и институционални форми за заштита на потрошувачите во финансиските услуги“, која се однесува на потрошувачките кредити и станбените хипотекарни кредити. Правната рамка годинава ја објави Организацијата на потрошувачите и во неа се нагласува дека е неопходно да постои законска основа, која ќе ги обврзе давателите на кредит на потрошувачите да им дадат информации, кои ќе им овозможат од палетата на „производи“ да го изберат оној што им одговара најмногу и кој нема да ги води кон презадолженост. „Таа правна рамка е потребна и заради ефикасна заштита на правата на потрошувачите, да им се обезбеди полесен пристап до судовите и водење постапки било со индивидуални било со колективни тужби“ – се напомнува во документот.

Здружението „Ануитет“ на својата веб – страница им порачува на банкарските клиенти: „Со тужба против банките повратете ги своите пари!“ „Банките неосновано го наплаќаат трошокот за обработка на кредити, т.н. манипулативен трошок, кој кај голем дел од одобрените кредитни барања изнесува од 1% до 3% од висината на одобрениот кредит. Сите други провизии, кои се наплаќани за кредити, се трошоци кои банките ги наплаќаат на своите клиенти, а за кои немаат право да ги наплатуваат согласно со позитивните законски прописи во Македонија. Здружението на банкарски клиенти нуди можност за сите оштетени лица бесплатно да покренат тужба, со цел да им се вратат овие пари, кои незаконски им се наплатени.“ Според „Ануитет“, „повратот на овој наплатен трошок може да се бара независно од видот на подигнатиот кредит: било да е станбен, хипотекарен, потрошувачки, или кредит со готовинско покритие.“

Пандемијата го забрза во голема мера дигиталното плаќање и мобилното банкарство ширум Европа, а во значителна мера и во Македонија. Тони Бубиер (Tony Boobier) во својата студија „Вештачката интелигенција и иднината на банкарството“ („AI and the Future of Banking“), објавена во 2020 година, многу јасно укажува какво мора да биде работењето на банките на иднината, која што, впрочем, веќе и настапи: „Новите банки имаат тенденција да нудат високотехнолошки услуги со ниски надоместоци, или и без надоместоци, како и и да обезбедат персонализирани искуства на клиентите. Тие банки имаат тенденција да бидат поагилни и поспособни да се приспособат кон променливите финансиски струења.“ Овие нови тенденции и форми на банкарското работење во Европа и светот веќе претставуваат предизвик и за македонското банкарство: банките, сакале или не, ќе мораат да размислат многу повеќе за поефтинување на своите услугии да го сменат своето однесување со клиентите.

Потребни се и измени во законот за банкарство и други акти

Ако извршната и законодавната власт во Македонија не извршат навремени и потребни измени во законот за банкарство и другите правни акти, со цел да престане да се бележи појавата, од една страна, на „одлична капитализираност“ и профити до небо на банките, а од друга страна граѓани со урнисани семејни буџети, блокирани жиро – сметки, или и активирани хипотеки на нивните станбени и други кредити, тогаш регулаторната улога ќе ја преземат пазарните законитости. Тие законитости веќе и дејствуваат,што се потврдува и со опаднатите вкупни приходи на банките по основа на каматите. Граѓаните не само што не можат, туку и повеќе не сакаат да земаат прескапи банкарски кредити, оптоварени со безброј давачки.

Во законот за банкарство и другите законски акти ќе треба да се внесат одредби, со кои ќе им се наложи на банките да извршат целосна ревизија на своите нормативни акти и од нив да ги елиминираат, или радикално да ги намалат сите законски неосновани и економски неоправдани провизии и други надоместоци, а особено да се пропишат рамки во кои ќе можат да се движат каматите: тие да бидат сведени на нивоата, кои што ќе им достасуваат на деловните банки нормално работење, но не и трупање екстрапрофити. Посебно прашање е: дали во Македонија – земја од само 2 милиони жители се потребни дури 14 деловни банки? Зголемување на основачкиот капитал е еден од начините да се изврши рационализирање на нивната бројка во овој момент, за да продолжат да работат само помал број на покрупни банки, оптимално одреден согласно со реалните потреби на стопанството и на граѓаните на Македонија.

Од голема важност е со законски измени да се поттикне и побрзиот влез на FinTech – финтек–дејноста во Македонија, односно влезот на нови даватели на финансиски услуги, кои треба да го зајакнат и да го автоматизираат пристапот и употребата на постојните финансиски услуги, бидејќи е засега ограничен. Примената на напредокот во технологијата за извршување на плаќањата и за префрлање пари, за штедење, одобрување на кредити итн. е се уште на ниско рамниште во Македонија. Но, ќе мора да се дефинираат рамки за камати, провизии и надоместоци и за овие финтек, небанкарски финансиски друштва, кои се во подем последните неколку години, бидејќи некои од нив форсираат нов модел на обезбедување „брзи кредити“ преку интернет. Тука, исто така, постојат опасности граѓаните да наидат на кредити повторно со нереални камати, што ќе ги одведе во презадолженост. Финтек – дејноста е директна конкуренција на деловните банки.

respublica.edu.mk