Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамките на лидерскиот НАТО Самит на земјите членки на Алијансата, оствари средба со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Сигрид Кааг, што воедно претставува и нивна прва средба, откако неодамна, Кааг ја презема функцијата министер за надворешни работи на Холандија.
Двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на Република Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство. Министерката Кааг во оваа прилика истакна дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија.
Во таа смисла министерот, Османи го поздрави холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди, во насока на европските амбиции на Република Северна Македонија.
Кааг ги поздрави остварените резултати, со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакна нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели, давајќи поддршка на евроинтегративните перспективи на Република Северна Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ. Холандија се вбројува помеѓу најголемите билатерални донатори на нашата земја што претставува исклучителен придонес за севкупниот напредок, како и за европската перспектива на земјава и во тој контекст, министерот Османи се заблагодари за принципиелната и недвосмислена поддршка од Холандија за европската интеграција на нашата земја, посебно преку поддршка на судството, реформа на јавната администрација и приближувањето кон европското законодавство.
Двајцата министри разменија мислења, предлози и сугестии за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, ставајќи посебен акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена.