Во март годинава во виенскиот регион Донауштад во работа е пуштена најголемата соларна електрана во Австрија. Постројката има моќност од 11,45 мегавати и се протега на површина од 12,5 хектари, приближно колку 15 фудбалски игралишта. Годишно ќе произведува над 12 гигавати електрична енергија, а повеќе од 25.000 соларни панели ќе придонесат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во градот, за околу 4.200 тони годишно, пишува деловниот портал Seebiz.eu.
Од овој голем проект во иднина ќе можат да профитираат и граѓаните кои со купување на ваучери во износ од 250 евра ќе можат да учествуваат во нејзиното финансирање. Со тоа Виена ќе ја добие 28. соларна електрана во сопственост на граѓаните.
Моментално на продажба се нудат 5.000 пакети ваучери, а со нивно купување сопствениците ќе остварат право на годишни ваучери за електрична енергија за период од пет години, кои можат да ги искористат за плаќање на сметките за струја кон градското претпријатие за снабдување со струја „Виен Енерџи“.
Вредноста на ваучерот зависи од количеството на струја произведена од соларните електрани. Минималното загарантирано производство е 312 киловат-часа годишно, што одговара на сумата од околу 53 евра. Тоа на сопственикот му носи околу 2 отсто профит годишно. Но, во случај ако соларната електрана произведе повеќе струја, ќе се зголеми и профитот. Со помош на „блокчаин“ технологијата, соларната електрана е дигитализирана, а секој модул има единствен број, што го прави производството целосно транспарентно.
Првата соларна електрана во сопственост на граѓаните е пуштена во 2012 година од виенското градско претпријатие и оттогаш десетици илјади граѓани се вклучени во финансирање на 27 соларни електрани во кои вложиле над 37 милиони евра. Заедно со најновата елекрана во Донауштад, нивната вкупна моќност ќе изнесува над 20,5 мегавати, ќе се произведуваат 21 милион киловат-часови струја што е доволно за потребите на околу 8.400 домаќинства во Виена. Со тоа количеството на јаглерод диоксид ќе се намали за 7,2 милиони тони, пренесува мета.мк.