Рама: Се надевам нема да бараат да се викате Западна Бугарија

Сподели

 

Одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија е големо разочарување, но и огромен неуспех за политиката на ЕУ, за проширувањето и лоша порака за целиот регион, порача премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Според Рама, по решавањето на спорот со Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор, сите имаат право да се чувствуваат фрустрирано од блокадата која, овој пат, доаѓа од Бугарија.

– Сите имаат право да се чувствуваат целосно фрустрирани затоа што одеднаш сега се појавува Бугарија и бара нешто повеќе. Му реков на Зоран се надевам дека нема да бараат да се наречете Западна Бугарија затоа што тогаш ќе треба да се вратите пак кај Грците да преговарате, – рече на шега Рама.

Според него, неуспехот да се донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија и Албанија е неуспех на ЕУ.

– Не сме ние тие коишто не успеавме, тие не успеаја. Тие ги имаат своите причини и ги разбирам тоа е нивниот дом, а ние сакаме да влеземе во таа куќа. Ние сме европејци без ЕУ, ние сме ЕУ но сепак сме Европа. Единствениот проблем е што сепак тие можеа да кажат „ние ве сакаме, сакаме да бидете внатре но имаме некои работи кои прво треба да си ги решиме. Вашите простории, вашите соби сè уште не се подготвени“. Тоа што тие постојано го викаат е вие уште не сте подготвени, но тоа не е вистина. Едноставно можеа да кажат „си ја завршивте работата, но ние не сме подготвени, рече Рама.