Денес во Штип на официјална свечена церемонија се отвори Конзулат на Унгарија во присуство на министерот за надворешни и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, унгарскиот амбасадор д-р Ласло Дукс, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши, дипломати и претставници на деловната заедница. Во рамки на настанот се одржа и билатерален бизнис форум на кој присуствуваа делегации на македонската и унгарската деловна заедница.
Отворањето на конзулатот ќе придонесе за подобрување на билатералната соработка со фокус на интензивирање на економската активност и зголемување на трговската размена.
Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто истакна дека унгарските компании добро се позиционирани во земјите од Западен Балкан а со отворање на конзулатот таа соработка очекуваме да се прошири и продлабочи. Најголем интерес кај унгарските компании има за инвестиции во секторот енергетика, индустриско производство и фармација. Претседателот на Сојузот на комори во својата функција конзул ќе го има во фокус економскиот сегмент.
„Денес делегациите на деловните заедници во рамки на билатералниот форум детектираа постоење конкретен потенцијал за инвестиции во енергетиката, фармацевтската индустрија, градежништвото и туризмот, кој е потребно да се искористи со цел зголемување на трговската размена. Сојузот на стопански комори на Македонија има склучен меморандум за соработка со Стопанската комора на Унгарија и едновремено со претседателот на комората три години заедно делуваме како дел од раководството на Светската федерација на комори, соработка која со отворање на конзулатот ја интензивираме делувајќи кон унапредување на билатералната економската соработка.“, изјави Данела Арсовска, конзул на Унгарија и претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија
Во рамки на посетата се одржа и билатерален бизнис форум кој го отворија унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, министерот за економија Крешник Бектеши и Данела Арсовска како претставник на македонската деловна заедница, а учествуваа делегации кои на одвоени средби разговараа за можностите за воспоставување на деловна соработка со инвестиции и заеднички настап на трети пазари. Секторите индустриско производство, енергетика, градежништво и ИКТ индустрија беа во фокус на форумот и билатералните средби.
Унгарија е во групата на топ 10 земји со кои имаме најголема трговска размена, која во 2020 година по обем на размена изнесува 351 милион евра. Двете држави имаат потпишано Спогодба за трговски и економски врски, како и Протокол за соработка помеѓу Царинските управи на двете земји за имплементација на Протокол 5 за взаемна административна помош по царински прашања од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕЗ и нејзините земји членки, потпишана во Луксембург на 9 април 2001 година.